„Ова не е апче, ова е светиот грал“: Нема да има рак, ќе живееме до 150 години, тврдат кинески научници

Точка

20/11/2025

15:15

994

Големина на фонт

а а а

Благодарение на резултатите на најновото истражување во наредните години никој нема да пати од канцер, животот до 150 години можеби ќе стане реалност, изјавил Лију Чингхуа, главен технолошки директор во кинеската компанија „Lonvi Biosciences“ во Шенжен.

„Да живеете до 150 години дефинитивно е достижна цел. За неколку години тоа ќе биде реалност. За пет до десет години никој нема да заболи од канцер“, изјавил Чингхуа, а пренесува „New York Times“.


Овој оптимизам постои врз основа на развојот на новиот лек којшто покажал импресивни резултати во лабораториските студии, а компанијата на чие чело е Чингхуа тврди дека ги изолирала молекулите „способни да ги убијат зомби клетките“ и клетките кои стареат и не умираат, а ги штити здравите клетки, како и дека нашле начин да произведат капсули со висока концентрација на овие молекули.

„Ова не е само уште едно апче. Тоа е светиот грал“, изјавил извршниот директор на компанијата Ип Зуо којшто е познат под псевдонимот Зико.

Компанијата верува дека нејзините апчиња во комбинација со здравиот начин на живот и квалитетот на здравствена нега, може да им помогне на луѓето да живеат од 100 до 120 години.

Дејвид Фурман, вонреден професор на Институтот Бак во биомедицинскиот истражувачки центар во Калифорнија којшто го проучува стареењето, изјавил дека кинеските апчиња „делуваат ветувачки“, но дека потребно е да ги тестираат во големи клинички испитувања.

Кинеските компании се во првите редови на истражувањата за запирање на стареењето, а покрај екстрактот од семе од грозје, компаниите се фокусираат и на гоџи бобинки и хипербарични комори и други уреди.


Компанијата со седиште во јужниот кинески град Шенжен, развила апчиња против стареење на база на соединение наречено процијанидин C1 или PCC1 кој се наоѓа во екстрактот од семето на грозје.

Претходно научниците од Шангај откриле дека PCC1 го зголемува животниот век на глувците за речиси десет проценти од селективното уништување на старите и сенесцентни клетки и заштита на здравите.