Поранешен хакер кој работел за Тајната служба на САД предупредува: Најголемата закана за интернетот повеќе не се луѓето

Точка

20/11/2025

20:01

740

Големина на фонт

а а а

Поранешен хакер кој соработувал со Тајната служба на САД тврди дека влегуваме во фаза во која онлајн-криминалот повеќе не зависи од луѓето, туку од вештачката интелигенција како главен извршител.

Брет Џонсон поминал повеќе од десет години во сајберкриминал — крадел идентитети, продавал украдени картички и месечно заработувал стотици илјади долари преку измами со поврат на данок. Денес работи со државни институции и големи компании на спречување на истите напади што некогаш самиот ги организирал.

Според него, криминалот што порано го изведувал рачно денес се изведува индустриски. Најголемата опасност веќе не се поединците, туку автоматизирани системи кои со помош на "AI" создаваат лажни идентитети, пишуваат измамнички пораки, имитираат гласови и водат разговори со жртвите во реално време.


„Јас некогаш требаше да стекнам доверба од жртвата. Денес "AI" го решава тоа имитирајќи реални луѓе. Наскоро нема да можеме да им веруваме ни на сопствените очи и уши онлајн“.

Она што е најопасно е дека овие технологии не служат само за кражба на податоци, туку и за комплетни криминални операции што функционираат како бизнис.

Класичен пример се организираните измами со лажни „крипто инвестиции“, зад кои стојат цели тимови во т.н. "scam farms". Тоа повеќе не се поединци — туку цели згради полни со оператори, често принудени на работа, кои со недели во смени комуницираат со жртви сè додека не ги убедат да вложат во измислени проекти.


Следното ниво на закана се синтетичките идентитети — комбинација од вистински и лажни лични податоци што создаваат нова „личност“ која фактички не постои. Банкарските и финансиските институции најчесто го откриваат ваквиот профил дури кога парите веќе се извлечени.

„Синтетичките идентитети сочинуваат 80 проценти од новите измами со отворање сметки и околу 5 проценти од вкупниот кредитен долг. Тие практично се невидливи, бидејќи таа личност не постои.“


Со растот на достапноста на алатките, Џонсон нагласува дека криминалците денес повеќе не мора да разбираат како функционира измамата. Доволно е да платат туторијал, да купат готови скрипти или да користат "AI" што ќе им генерира цел напад без техничко знаење.

Заклучокот на експертите е јасен: најголемата закана за безбедноста престанала да биде човекот — и станала инфраструктурата што човекот сам ја создал.