На прв поглед е јасно дека моделот "GB-001" визуелно се потпира на естетиката на класичните касетофон уреди од 80-тите години, но ја комбинира со современи можности како поврзување преку "Bluetooth".
Француската компанија за аудио-опрема во ретро стил „We Are Rewind“ го претстави "GB-001", "бумбокс" кој спојува класичен касетофон со модерни, безжични функции. Уредот репродуцира и снима касети од тип I и II, а располага со Bluetooth 5.4 за безжична репродукција на музика.
Вграден е систем од четири "Hi-Fi" звучници со вкупна моќност од 104 W – два нискотонци и два високотонци – со што се покрива целиот фреквентен спектар. На предната страна се поставени аналогни VU-метри со задно осветлување кои ги прикажуваат нивоата на сигнал, како и рачни контроли за бас, високи тонови и баланс.

Механизмот на касетофонот користи мотор со можност за приспособување на брзината за постабилна репродукција. Освен репродукција и снимање на касета, достапен е и влез за микрофон, на кој може да се поврзе и гитара. Уредот овозможува снимање од микрофон директно на лента, што им дозволува на корисниците да креираат сопствени демо-снимки.
"GB-001" доаѓа со куќиште од метал и пластика и преклоплива рачка за носење. Димензиите се 506 × 251 × 179 mm, а тежината е речиси 7 kg. Од компанијата истакнуваат дека вградената батерија со капацитет од 3.000 mAh обезбедува околу 10 часа работа при користење на касетофонот и до 15 часа при репродукција преку "AUX". Батеријата, велат од компанијата, е заменлива.

Дополнително, "GB-001" може да служи и како караоке-уред, бидејќи овозможува поврзување на два безжични микрофони преку "Bluetooth". Цената на овој касетофон е 450 евра, а повеќе информации има на страницата на производителот.









