Научниците открија илјадници видови морска флора и фауна кои го пронашле својот дом на остатоците од фрлена муниција од Втората светска војна покрај брегот на Германија, во Балтичкото Море, пишува „Гардијан“.
Нацистичките бомби и илјадници парчиња муниција биле фрлени од баржи на крајот од војната за да формираат ‘рѓосан подводен „тепих“ во заливот Либек во текот на децениите.
Научниците, кои сакале да видат каков ефект има овој заборавен арсенал врз екосистемот, очекувале да најдат пустина каде што нема живи организми, бидејќи сè е отруено.

Андреј Веденин од Истражувачкиот институт Зенкенберг во Франкфурт, кој го предводел тимот истражувачи, рекол дека наишле на збунувачки сцени. Илјадници морски организми се населиле помеѓу бомбите и муницијата, создавајќи регенериран екосистем.
„Всушност е неверојатно колку живот наоѓаме на места кои се сметаат за токсични и опасни“, рекол Веденин.
Истражувачите откриле дека дури 40.000 животински видови живеат на секој квадратен метар муниција, додека во околното подрачје има само 8.000 видови на квадратен метар.

Она што научниците го откриле во водите на заливот покажува изненадувачка вистина за тоа како подводните организми можат да го користат отпадот што луѓето го фрлаат.
Голем број камиони дневно отстрануваат и транспортираат од морското дно огромни количини камења, чакал и глина, кои се и живеалиште на подводни животни, како што се корали, полжави и школки.
Бидејќи сите овие видови ги губат своите живеалишта на овој начин, тие пронaшле замена во остатоците од муниција од Втората светска војна.








