Индустриските производи или ултрапреработената храна (УПФ) им штетат на сите главни органи на човечкото тело и претставуваат сериозна закана за глобалното здравје, според најголемиот светски преглед на истражувања објавени во списанието „Лансет“ .
УПФ, која, според пишувањето на „Гардијан“, сè повеќе ја заменува свежата храна во исхраната на децата и возрасните на сите континенти, е поврзана со зголемен ризик од повеќе здравствени проблеми, вклучувајќи дебелина, дијабетес тип 2, срцеви болести и депресија.
Наглото зголемување на консумирањето индустриски производи ширум светот ги поттикна корпорациите насочени кон агресивни методи со цел зголемување на продажбата, да манипулураат со научната дебата и да ја спречат регулацијата, наведува новото истражување.

Серија од три научни трудови наведува дека милиони луѓе сè повеќе консумираат производи како што се готови оброци, житарки, протеински плочки, газирани пијалaци и брза храна. Во САД и Велика Британија, повеќе од половина од просечната исхрана се состои од производи од ултрапреработена храна, а кај некои, особено помладите и посиромашните жители, УПФ сочинува до 80 отсто од исхраната. Преглед на 104 долгорочни студии покажа дека 92 студии забележале зголемен ризик од хронични болести и предвремена смрт кај лица кои консумираат УПФ.
Еден од авторите на студијата, професорот Карло Монтеиро од Универзитетот во Сао Паоло, истакнува дека резултатите ја потврдуваат потребата од итни мерки.

„Првиот труд во оваа серија покажува дека високо преработената храна ги оштетува сите главни органи. Луѓето не се биолошки прилагодени за нивната консумација“, истакнал Монтеиро.
Ултрапреработената храна се произведува индустриски, често со вештачки ароми, емулгатори и бои, вклучуваат газирани пијалаци и спакувани грицки, многу се калорични, но сиромашни со хранливи материи, објаснува „Гардијан“.

Научниците кои не учествувале во студијата генерално го поддржуваат прегледот, но исто така повикуваат на понатамошни истражувања, предупредувајќи дека поврзаноста со здравствени проблеми не мора да значи причинско-последична врска.








