Футуристичкиот град Forest City во Малезија во којшто кинеската компанија „Country Garden“ вложила неверојатни 92 милијарди евра, требал да стане дом на стотина илјади жители.
Речиси девет години подоцна, наместо метрополата да заживее, денес таму владее тишина – град во којшто живеат околу 9.000 луѓе.
Проектот којшто бил замислен како визија на „паметен град на иднината“ се претворил во симбол на промашена амбиција и економски тешкотии.
Сонот на девелоперите за создавање еколошка, технолошки напредна заедница се рушил под товарот на бројните проблеми. Изградени биле само 15 отсто од планираната инфраструктура, а поголем дел од локалните жители не можат да си го дозволат животот во луксузните згради кои се довршени.
Дополнителен удар пристигнал од неколку насоки: криза со недвижнини во Кина, ограничување на кинеската влада на вложување во странство и одлуката на поранешниот малезиски премиер да ги блокира визите на кинеските купувачи, сметајќи го проектот за „град за странци“. Конечниот удар била пандемијата во 2019 година која ги затворила границите и го запрела доаѓањето на потенцијалните жители.
Без оглед на празните улици и напуштените згради кои ги привлекуваат јутјуберите и урбаните истражувачи, „Forest City“ сепак полека оживува. Имено, токму неговата изолираност и тишина претставува предност.
За оние кои сакаат мирен живот покрај море, недвижнините се исклучително поволни – станови со базени, тениски терени и теретани можат да се изнајмат по цени кои се повеќекратно пониски од оние во Куала Лумпур и Сингапур. Но, наоѓањето на отворен ресторан или трговски центар и натаму е предизвик.
Локалните агенти за недвижнини тврдат дека интересот полека се зголемува, а становите се целосно пополнети.

Една од новите жители е Вафа Аина Вахид, која за „CNN Insider“ раскажала дека ја привлекле комбинацијата на цените и удобноста.
„Тука можам да изнајмам стан со две бањи за помалку од 390 евра месечно. Тоа е значајно попристапно отколку на другите места“, објаснила таа, па додала: „Конечно нема да морам да бидам на врска на далечина со сопругот. Тој оттука секојдневно може да патува на работа“.
Иако градот почнува да се полни, проектот и натаму е далеку од својата изворна визија. „Country Garden“ еден од најголемите кинески девелопери денес се бори со долг од околу 200 милијарди долари, што го доведува во прашање довршувањето на планираната инфраструктура.

Компанијата формално се обврзала да го заврши проектот, но сѐ повеќе аналитичари сметаат дека „Forest City“ засекогаш ќе остане популарен споменик на преамбициозните планови.
За оние на кои не им пречи живот во луксуз среде тишина и празни улици – Forest City и натаму го нуди она што долго не може да се купи: мир, простор и поглед на море без метеж.