Познатиот диџеј и музички продуцент Калвин Харис деновиве крена прашина на социјалните мрежи – и тоа поради една необична објава. На Инстаграм, покрај емотивни фотографии од породувањето, сподели и слика од плацентата на неговата сопруга Вик Хоуп.
Парот пред неколку седмици доби син на кој му го дадоа името Мика, а раѓањето го одбележаа со серија интимни фотографии од домашното породување. Покрај нежните снимки на кои Харис го држи новороденчето и е прегрнат со сопругата во базенот за породување, една фотографија особено ги изненади следбениците – прикажувала исушена плацента.
Но тоа не е сè. Харис открил и дека ја претворил плацентата во капсули – пракса што има свои поддржувачи, но и многу скептици. „На 20 јули пристигна нашиот син. Мика е тука! Мојата сопруга е суперхероина и имам потполна стравопочит кон нејзината исконска мудрост. Бескрајно сме благодарни. Те сакаме, Мика“, напишал Харис во објавата.
Некои тврдат дека консумирањето на плацентата може да помогне во спречување на постпородилна депресија и да обезбеди дополнителни витамини. Но, научни докази што ги потврдуваат овие тврдења речиси и да нема.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) дури и предупредил на можни здравствени ризици поврзани со овој тренд. Тие нагласуваат дека процесот на капсулирање на плацентата не ги отстранува потенцијалните патогени, а забележан е и случај каде што не можела да се исклучи поврзаност на капсулите со ретка бактериска инфекција кај новороденче.
Како што и се очекуваше, коментарите на објавата на Харис беа поделени. Додека некои упатија честитки и изразија поддршка, други нагласија дека би сакале да ги избегнат фотографиите од плацентата на социјалните мрежи.
„Честитки за бебето, но фотографиите од плацентата беа премногу. Без разлика дали беше цела, исечена или во капсули – можеше и без тоа“, коментираше една корисничка. Друга додаде: „Не очекував дека ќе налетам на фотографија од плацента среде ручек.“
„Мислев дека ова требаше да остане меѓу вашите четири ѕида“, „Можеше да ставиш предупредување за оние со чувствителен желудник“, „О, боже, зошто?“, беа уште некои од коментарите.
Сепак, имаше и такви што ја пофалија искреноста и транспарентноста на Харис. „Ви благодариме што го нормализиравте домашното породување (и плацентите!) со овие прекрасни фотографии“, напиша еден следбеник. Друг додаде: „Огромно ‘да’ за тоа што го споделивте искуството од домашното породување и плацентата! Честитки!“