Сардина диетата е новиот хит: Еве како да ја спроведете и зошто функционира

Точка

28/07/2025

13:18

1.179

Големина на фонт

а а а

Конзервираните сардини се евтини и достапни, а притоа исклучително здрави. Диетата што се прошири на социјалните мрежи ги комбинира со едноставни состојки.

Ако ова лето на социјалните мрежи наидовте на фотографии од жени кои со насмевка позираат со конзерви сардини, не сте единствени. Новиот вирален феномен наречен „Sardine Girl Summer“ стана диетен тренд на сезоната – и тоа не без причина. Зад симпатичното име се крие сериозно прехранбено движење кое ја слави едноставноста, здравјето и моќта на една мала, но силна состојка: сардината.

Трендот започна на „TikTok“, кога инфлуенсерки, особено од САД, Велика Британија и Австралија, почнаа да ги документираат своите „оброци со сардини“ – комбинации од конзервирани сардини, крекери, путер, маслиново масло, краставици, маслинки и зачински додатоци. Сè беше сервирано на мали даски или чинии во „gourmet“ стил. Видеата брзо собраа милиони прегледи со хаштагови како „#sardinegirlsummer“, „#proteinplate“ и „#tinfishdate“.

Зошто токму сардини?

Сардините се една од најпотценетите „супернамирници“ бидејќи се богати со омега-3 масни киселини (EPA и DHA), кои ги намалуваат воспаленијата, го поддржуваат здравјето на срцето и мозокот, витамините D и B12, клучни за имунитетот, расположението и енергијата, како и калциум и фосфор, кои го поддржуваат здравјето на коските. Се разбира, тука се и колагенот и коензимот Q10 – сардините содржат природен морски колаген, корисен за кожата и зглобовите. Неизоставни се и протеините.

Тие помагаат и во намалувањето на воспаленијата во телото и делуваат како природен аспирин. Затоа сардините се препорачуваат за сите што се борат со болки и воспаленија, што го потврдуваат и експертите.


Освен тоа, сардините се евтини, достапни, долготрајни и еколошки поодржливи во споредба со повеќето риби.

Според нутриционистите и диететичарите, овој тренд е изненадувачки здрав, особено за мозокот благодарение на DHA и витаминот B12, за срцето (омега-3), кожата, косата и ноктите (колаген и протеини), како и за одржување на килограмите и ситост (сардините имаат висок удел на протеини и масти). Од „трендот“ можат да профитираат и жените во перименопауза и менопауза, бидејќи нивниот организам добива доволно витамин D, омега-3 и калциум.

Оваа диета е наменета и за мажите, а можете да ја спроведете ако сакате риба, посакувате хранлив, евтин и практичен оброк без готвење. Сепак, особено треба да внимаваат оние што внесуваат премногу сол, бидејќи конзервираните сардини можат да бидат доста солени.

Конзервираните сардини обично доаѓаат без глава и се пакувани во вода, масло или сос од домати. Ако се во саламура и растително масло, се препорачува да се потрошат во рок од еден ден по отворањето, додека оние во сос од домати можат да стојат до една недела.

Пробајте ги згмечени на препечен леб со лимон или додајте ги во тестенини со лук и сос од домати. Можете да ги јадете со крекери и малку сенф, да ги послужите со ориз и ѓувеч или да ги ставите во сендвич.

Искористете ги придобивките од оваа диета според сопствениот ритам – не мора да јадете сардини секој ден, но вклучувањето на 2-3 рибни оброци неделно може да направи чуда за вашето здравје. Комбинирајте ги со сезонски зеленчук, маслиново масло и интегрален леб – за медитеранска верзија на „Sardine Girl Summer“!


Диетата „Sardine Girl Summer“ изгледа приближно вака:

• Конзерва сардини (во маслиново масло, вода или лимонов сок)

• Неколку интегрални крекери или препечен леб

• Путер или хумус

• Маслинки, капари, краставици, чери домати

• Тврдо варено јајце, фета сирење или авокадо

• Лимон, свеж магдонос, чили масло или зачини за дополнителен вкус

Сè се сервира ладно и брзо – идеално за топли денови, пикници или брзи оброци.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk