[ВИДЕО] Необичното потекло на легендата на акционите филмови: Џеки Чен е син на шпион и шверцерка на опиум

Кармин

30/07/2025

16:01

1.027

Големина на фонт

а а а

Џеки Чен, еден од најпрепознатливите јунаци на акционите филмови, неодамна ја раскажа неверојатната приказна за своето семејство, откривајќи детали што звучат како сценарио од шпионски трилер.

За списанието „Пипл“ тој раскажа како татко му, Чарлс Чен, еден ден, додека седеле во автомобил, му признал дека во 40-тите години од минатиот век бил таен агент.

Славниот актер, кој денес има 71 година и повторно се враќа на големото платно во новото остварување од серијалот „Карате кид“ (Karate Kid), се присетува на тој животен миг како на еден од најшокантните моменти од своето детство.


Неколку години подоцна, Џеки Чен продуцираше документарен филм под наслов „Трагите на змејот: Џеки Чен и неговото изгубено семејство“ (Traces of the Dragon: Jackie Chan and His Lost Family), во кој открива дека татко му работел како разузнавач за време на Кинеската граѓанска војна во 40-тите години. Но, уште повпечатливо е откритието за неговата мајка, Ли Ли, која, според сведоштвата, шверцувала опиум и била страсна коцкарка.

„Како дете бев премногу немирен. Никогаш не одев на училиште, ги фрлав сите книги од ранецот. Не можеа да ме смират, па ме испратија во интернат за боречки вештини“, раскажува Чен низ смеа.

Токму таму ги стекнал основните вештини што подоцна ќе го однесат на врвот на светската филмска сцена.


Од првите денови како каскадер, па сè до режисер и актер, Чен изградил блескава кариера. Холивуд го препозна во 1995 година, со филмот „Гужва во Бронкс“ (Rumble in the Bronx), но светската слава ја стекна во 1998 година со хумористичниот акционен филм „Гас до даска“ (Rush Hour), каде што глумеше покрај Крис Такер.

„Ништо не разбрав од тоа што го зборуваше Крис. Сè ми беше ново – културата, хуморот. Беше тоа сосема поинаков свет за мене“, вели Чен.

Иако нему му требало време да се прилагоди, публиката веднаш го прифати. Филмот заработи 244 милиони долари на глобално ниво, а следуваа продолженија едно по друго.


„Ме повикаа и ми рекоа: ‘Џеки, ги соборивме сите рекорди – 70 милиони за три дена! Почнуваме втор дел, па трет и четврт!’“, се присетува со насмевка актерот.

Во однос на неговото враќање во франшизата „Карате кид“, каде што веќе глумеше во 2010 година заедно со младиот актер Џејден Смит, Чен вели дека за него тоа претставува многу повеќе од филм.


„Тоа е спомен. Не е само приказна. Преку тој филм не само што ги покажувам моите боречки вештини, туку им ја приближувам кинеската култура на луѓето ширум светот“, истакна Џеки Чен, човекот што зад светлото на сцената криеше приказна достојна за најдобрите шпионски филмови.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk