Фотографија со три кучиња на Инстаграм ја чинела илјадници евра: „Мислев дека е грешка која ќе ја исправам за еден час, но...“

Кармин

17/07/2025

11:42

1.990

Големина на фонт

а а а

Сопственичка на мал бизнис од Австралија тврди дека изгубила околу 50.000 долари (околу 28.000 евра) откако Инстаграм ги отстранил нејзините профили, поради, обична фотографија со три кучиња.

Рошел Маринато, директорка на компанијата „Pilates World Australia“, неодамна добила мејл од компанијата „Meta“, сопственик на Инстаграм, во којшто ѝ било соопштено дека нејзините профили се суспендирани поради кршење на насоките на заедницата кои се однесуваат на „сексуално искористување деца, злоупотреба и голотија“.

Фотографијата по грешка ја означил AI модератор којшто кучињата ги заменил со фотографии од деца.

Таа поднела тужба и испратила дури 22 мејлови до компанијата „Meta“, но како што тврди, не добила никаква помош од овој глобален технолошки гигант кој во своја сопственост ги има Instagram, Facebook, Threads, Messenger и WhatsApp.


Маринато, за „Daily Mail Australia“ изјавила дека отстранувањето на профилите имало сериозно финансиско влијание на нејзината работа.

„На почеток мислев дека тоа е некоја глупава грешка која брзо ќе се реши, можеби за еден час. Бевме среде сезонските попусти на крајот од работната година, така што тајмингот беше катастрофален. Поднесов жалба и набрзо потоа добив известување од Meta дека моите профили трајно се оневозможени и дека нема понатамошни чекори кои можат да ги преземам“, вели таа.

Без многу опции, жената тврди дека била принудена да тргне по необичен пат и да плати трета страна за да го врати пристапот до профилите.

„Три недели истражував како да ги вратам профилите. За тоа време приходот ми се намали за 75 отсто. За еден мал бизнис како нашиот, социјалните мрежи се клучни. Сѐ запре кога профилите беа суспендирани. Со губењето профили го изгубив и целиот Инстаграм маркетинг. Тоа сериозно ја погоди мојата работа затоа што ние исклучиво се потпираме на социјалните мрежи“, објаснува Маринато.

Таа тврди дека губењето на социјалните платформи директно влијаело на нејзината заработка.

„Ги споредив приходите со истиот период од минатата година, за да бидам сигурна во бројките и изгубив околу 50.000 долари (околу 28.000 евра)“, вели таа и додава дека најмногу ја погодило обвинението.


„Станува збор за ужасно обвинение со кое не сакате да ве поврзуваат. Луѓето ќе помислат дека сум направила нешто страшно штом профилот ми е згаснат. Застрашувачко е што вештачката интелигенција има толку моќ, а истовремено може така да згреши. Чекориме по многу лизгав терен“, вели оваа Австралијка.

Иако изгубила 50.000 долари, Маринато вели дека сега е фокусирана на тоа повторно да го изгради својот бизнис.

Исто така додала дека не успеала да стапи во контакт со реална личност од „Meta“ за да ја објасни ситуацијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk