Славниот режисер Квентин Тарантино стекнал богатство кое се проценува на околу 120 милиони долари.
Сепак, без оглед на големиот успех, Тарантино јавно признал дека никогаш не го делел своето богатство со својата мајка. Причината за тоа е нејзиното одбивање да ги поддржи неговите соништа во текот на растењето, што оставило длабока трага во нивниот однос.
Квентин Тарантино во 2021 година во поткастот „The Moment“ открил дека мајка му не го поддржувала додека се обидувал да ги развие своите вештини како сценарист и писател.
Според неговите зборови, мајка му Кони често го омаловажувала неговиот сон и коментирала со доза на сарказам. Тарантино се присетил на една реченица која мајка му ја изговорила и која никогаш нема да ја заборави додека е жив.
„Со омаловажувачки тон ми рече дека „таа кариера на пишување сценарија која сум ја замислил е завршена, дека само го губам времето и дека никогаш нема да успеам“, тоа беа нејзините зборови“, открил режисерот.
Тој момент длабоко го погодил младиот Тарантино, а како одговор на мајчините зборови одлучил, доколку успее никогаш да не ѝ даде пари.
„Нема куќи за тебе, нема одмори ни луксуз“, изјавил Тарантино во поткастот јасно изразувајќи го својот став за последиците од зборовите кои го повредиле.
Иако Тарантино ја остварил одлуката, еднаш сепак финансиски ѝ помогнал на неговата мајка во ситуација кога тоа ѝ било потребно.
Од друга страна, Кони изјавила дека го поддржува својот син и дека е горда на него и неговата кариера. Одбила да учествува во медиумската бура околу оваа тема, наведувајќи дека е среќна што присуствувала на венчавката на синот и што го дочекала внукот Лео.
Тарантино објаснувајќи ја својата одлука, нагласил дека верува дека зборовите кои родителите ги користат кон своите деца можат да имаат долготрајни последици.
Тој, како што вели, бил упорен и верувал во себе, но има деца кои поради недостаток на родителска поддршка ќе се откажат. Нему мајчиниот недостаток на поддршка му направил емоционална лузна која никогаш не успеал да ја заборави.