Ворен Бафет, еден од најпознатите инвеститори во светот, има совет за сите родители, без разлика на нивното богатство: „Оставете ги децата да го прочитаат вашиот тестамент пред да го потпишете“.
Бафет е „тежок“ 150 милијарди долари и има три деца. Тој го објаснува својот став за „CNBC“: „Погрижете се секое дете да ја разбере логиката на вашите одлуки и одговорностите со кои ќе се соочи по вашата смрт. Ако има прашања или предлози, послушајте ги внимателно и прифатете ги оние кои се разумни. Не сакате вашите деца да се прашуваат: „Зошто?“ кога вие повеќе нема да можете да им одговорите“.
Финансискиот советник Даглас Бонепарт се согласува со советот на Бафет дека е важно да се сподели планот за наследство со семејството.
„Ова се тешки разговори, но ако се пристапи правилно, тие можат да ги зајакнат односите“, вели Бонепарт, нагласувајќи дека е важно на децата да им се дадат реални очекувања за наследството.
„Децата можат да замислуваат секакви работи за тоа што треба да добијат. Затоа е клучно да се биде јасен и детален околу тоа кој, што и зошто ќе добие“, додава тој.
Родителите често ги избегнуваат овие разговори од страв да не ги повредат чувствата на нивните деца или да слушнат забелешки дека нешто е неправедно. Но, токму затоа е подобро да се зборува за тоа сега „отколку да се остави „хаос“ кој ќе се решава по вашата смрт“, вели Бонепарт.
Бафет истакнува дека со текот на годините бил сведок на разделување на многу семејства поради недоразбирања и конфликти предизвикани од тестаменти.
„Љубомората и реалните или замислените неправди од детството често се зголемуваат по смртта на родителот“, изјави тој.
Доколку наследството не е подеднакво поделено меѓу браќата и сестрите, многу е важно однапред да се објаснат причините за тоа. На пример, едното дете може да добие повеќе затоа што другото веќе добило помош за поскапа куќа или поскапо образование.
Иако Бафет смета дека е главно корисно однапред да се разговара за тестаментот, Меккланахан предупредува дека има ситуации кога е подобро да се биде претпазлив. На пример, ако детето веќе го искористило родителот финансиски, родителот треба да внимава при споделувањето на деталите за наследството. Слично на тоа, доколку детето е неодговорно кога станува збор за работата или парите, сознанието дека го очекува големо наследство може дополнително да ја наруши неговата работна етика и амбиција.
„Ако децата не се зрели, споделувањето на тие информации може да биде штетно“, вели Меккланахан. Во такви случаи, родителите можат да остават писмо коешто децата ќе го прочитаат дури по нивната смрт,а во кое ќе ги објаснат своите одлуки.