Синоќа во Њујорк се одржа вистински моден спектакл. Беа доделени традиционалните награди на „Council of Fashion Designers of America“ („CFDA“), кои се доделуваат од 1981 година. Славната Ријана беше највпечатлива на црвениот тепих, во друштво на својот партнер, раперот АСАП Роки, кој доби уште едно признание за својот исклучителен стил.
Познатата пејачка се појави на црвениот тепих за првпат по третото породување, откако на 13-ти септември ја роди ќеркичката Роки Ајриш Мајерс. Девојчето е трето дете на славниот пар, кој веќе има два сина – РЗА и Рајот.

Омилениот светски пар, кој е во врска од 2020 година, се претстави во смели и оригинални модни комбинации. „Смело“ е зборот што најдобро го опишува нивното чувство за стил. Ријана носеше комбинација од модната куќа „Alaïa“, со што уште еднаш ја потврди својата модна репутација. Многумина веднаш забележаа дека елегантните бели панталони ги вовлекла во лакираните високи потпетици – потег кој ја потсетува јавноста дека славната Рири секогаш мора да се издвојува со еден уникатен детаљ.

Предимензионираниот морнарско-син капут со нагласен струк и асиметричен крој беше уште еден доказ за нејзиниот оригинален вкус, а мора да се признае дека претставува далеку поинтересно решение од вообичаените фустани на црвениот тепих.
Пејачката дополнително блесна со елегантно зачешлана коса на страна и минималистички накит од „Fred Leighton“ и „Dyne“, кој совршено ја надополнил нејзината комбинација. „Покажа дека е мајка на играта!“, коментираат корисниците на социјалните мрежи.

Нејзиниот партнер АСАП Роки пак, блесна во издание на „Chanel“. Ретро оделото беше вистински пример за модна елеганција, како и двобојните чевли со потпис на брендот. Накитот од „Briony Raymond“ му даде дополнителна доза на софистицираност, а многумина заклучија дека токму така изгледа современо стилизиран маж.

На раперот синоќа му беше врачена наградата „Fashion Icon“ (модна икона), признание што Ријана го доби уште во 2014 година.
Признание за неговиот стил претходно му додели и поранешната главна уредничка на американскиот „Vogue“, Ана Винтур, кога беше прогласен за ко-претседавач на Мет Галата 2025 година.

И во прочуената модна куќа „Chanel“ ја истакнаа својата поддршка за стилот на овој музичар – тој е заштитно лице на брендот во новата кампања заедно со актерката Маргарет Кволи.