Александар има 12 деца и сам ги одгледува: Сите насмеани, готват и чистат по распоред – но едно им е забрането

Кармин

31/10/2025

16:53

1.874

Големина на фонт

а а а

Иако најчесто мајките се тие што најмногу време посветуваат на одгледување на децата, постојат случаи кога таа улога главно им припаѓа на татковците. Еден таков пример е Александар Алексеев (45) од Москва. Овој неверојатен татко сам одгледува не две, не три – туку дванаесет деца!

Сопругата на Александар сериозно се разболела по раѓањето на најмалиот син, па бил принуден да ги преземе сите обврски и целата грижа за семејството. Најмалиот син има 9 години, а најстариот 22. А кога ќе го прашате Александар со што се занимава, тој одговара:

„Децата ми станаа најголема страст. Покрај правното и економското образование, намерно завршив и педагошки факултет за подобро да ги разберам“, раскажал за рускиот портал „aif.ru“.

„Сакавме големо семејство“

Денес три или четири деца се нешто вообичаено, но повеќе од тоа е по малку изненадувачки. Како дошло до тоа да создадат толку големо семејство, Александар вели:


„Сопругата и јас искрено сакавме големо семејство. Никогаш не сме размислувале да се ограничуваме. Што ќе даде Бог – на тоа му се радуваме. Тоа е како кога некој ќе ти довери добра работа: ако види дека се снаоѓаш, ти доверува сè повеќе задачи, а ти ги прифаќаш со благодарност. Така е и со децата – секое дете е дар. Во нив гледаш нов свет, повторно го проживуваш сопственото детство, учиш да сочувствуваш и да разбираш“.

Тој додава дека со доаѓањето на децата, погледот на светот и чувствата се менуваат:

„Кога си млад, туѓата болка ја доживуваш површно. Но кога твоето дете страда, целиот свет ти се превртува. Сè би дал за нему да му биде полесно“, вели Александар, додавајќи дека и љубовта кон сопругата добива нова, подлабока димензија:

„Почнуваш поинаку да ја сакаш сопругата. Некогаш била само убава девојка во која страсно си се вљубил, а сега е мајка – жена која донела нов живот. Тоа е вистинско чудо“.

Навики што се пренесуваат од генерација на генерација

Александар истакнува дека семејството од кое потекнува многу влијаело на неговиот однос кон децата и сопругата:

„Мојот татко сега има речиси 70 години и сè уште не знае што е одмор или пензија. Таквите работни навики едноставно се усвојуваат. Така и моите деца гледаат од мене и учат. Детето не може само да седи со телефон во рака – мора да има обврски, училишни задачи, спорт, домашни работи“.


Според него, децата треба постојано да бидат активни, да имаат задачи, а таткото секогаш да биде подготвен да помогне.

Готвење и чистење по распоред

За тоа како изгледа секојдневната организација во домот, кој готви, кој чисти и како се приспособиле на новите задачи, Александар вели:

„На почетокот со нас живееја моите родители – баба и дедо. Многу ми помогнаа додека децата беа мали. Сега живеат одвоено. Понекогаш доаѓа дадилка или волонтери, но во суштина – сè правиме сами“.

„Сите редум готвиме, почнувајќи од 12-годишна возраст. Имаме точен распоред и мени каде што пишува кој што подготвува. Благодарение на модерните апарати, и помалите можат да направат едноставни јадења. На пример: измери две чаши ориз, четири чаши вода, вклучи апарат – и готово. Постарите ќерки обожаваат да прават слатки. Најважно е да не ги присилувате – кога готват од задоволство, настануваат вистински кулинарски чуда“.

„Мојата 18-годишна ќерка Ањута неодамна почна посериозно да учи готвење и неколку пати неделно прави колачи. Најмногу сака да прави баклава – сите со нетрпение ја чекаат, па кришум земаат кога е уште недовршена, а таа се лути“, раскажува низ смеа.


Чистењето исто така е по распоред. Ако помалите нешто површно исчистат, постарите ги опоменуваат – затоа што не сакаат утредента да средуваат двапати.

Строг, но праведен татко

На прашањето дали е строг или попустлив татко, Александар одговара:

„Мислам дека ‘благ’ не е вистинскиот збор. Дедо Мраз е благ. Родителот мора да биде строг – но од љубов. Ако не си строг кога треба, можеш да го загрозиш детето. Ако претрча улица на црвено, секако дека ќе го запреш одлучно. Тоа не е грубост – тоа е грижа“.

„Сите се толку различни“

Воспитувањето на дванаесет различни деца бара постојано приспособување на ситуациите и карактерите:

„Најлошото што родител може да направи е воспитувањето да го гледа како мака. Не треба да мислиш дека тоа е ‘тешка работа'. Кога ќе се ослободиш од тоа, сè станува полесно. Ако синот прави бељи – применуваш еден пристап; ако другиот е почувствителен – постапуваш поинаку.

Тие се дванаесет, и секое е сосема различно. Затоа и пристапот не може да биде ист. Проблемите постојат само во нашата глава. Кога ќе се појави пречка – ја решаваш, не се жалиш. Секој родител треба да се сети на себе како дете – зарем и ние не сме грешеле, не сме мамеле, не сме ги кршеле правилата? Па зошто тогаш премногу строги казни кога и самите сме биле исти?“.

Без телефони и компјутери

Александар се противи на современиот начин на одгледување каде децата најмногу време поминуваат со телефони.

„Долго време немавме ни компјутери ни телефони. Не знам дали тоа беше грешка, но сè уште верувам дека детето треба што подолго да живее надвор од дигиталниот свет. Бидејќи немаат телефони, многу читаат. Имаме огромна библиотека – илјадници книги. Пријателите често ми подаруваат, затоа што знаат колку сакам да читам. Децата обожаваат да раскажуваат и да дискутираат за прочитаното“.


По училиште одат на спорт, танц, пеење, свират инструменти – сè што и другите деца прават, само во поголем број.

„Редовно посетуваме музеи, изложби. Секоја година одиме во семеен камп каде престојуваат и родители и деца. Сакаме да весламе кајаци, а учествуваме и на маратони од 5–10 километри. По трката се собираме сите заедно и ги славиме малите победи“, вели Александар.

А на честото прашање кое му го поставуваат: „И едно дете знае да биде многу, зарем дванаесет не е премногу?“, тој одговара:

„Ако постојано се жалите – ‘Овој пак бара нешто, пак вика’ – животот ќе ви изгледа како казна. Но ако детето го гледате како чудо, како извор на радост – секое ново дете станува можност да откриете нов свет, нови чувства. Ниту еден пријател не може да ви подари таков разговор како вашето дете. Децата треба да се прифатат како дарови – пратеници кои ве извлекуваат од секоја тешкотија. Кога имаш дете, стануваш, се бориш, се трудиш. Тие те движат и ти даваат сила да живееш“, заклучува тој.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk