Отпочна нова ера во светот на манекенството, но зависноста за малку ќе ѝ ја уништеше кариерата: Контроверзната манекенка го прослави 50-от роденден

Кармин

18/01/2024

14:30

4.552

Големина на фонт

а а а

Кејт Мос, еден од најуспешните супермодели на сите времиња, оваа недела го прослави својот 50-ти роденден. Познатата Британка е родена на 16 јануари 1974 година, а била откриена сосема случајно - и отпочна нова ера во светот на манекенството.

Како започна нејзината кариера?

Кејт била забележала од Сара Дукас, основачка на британската модна агенција „Storm“, на аеродромот во Њујорк во 1988 година. Таа тогаш допатувала во САД за да пронајде нови модели. Можеби за Кејт сè започнало малку рано - таа имала само 14 години кога влегла во светот на манекенството. Британката го напуштила училиштето за да се посвети на кариерата, но почетокот не бил лесен.

„Одев на 8 кастинзи на ден и не добивав ниту една работа. Рано се навикнав на неуспех", изјави таа еднаш. Мос ги воодушевила модните агенти со своето лице, но тие сметале дека е премногу ниска за модни ревии. И самата мислела во текот на растењето дека никогаш нема да биде манекенка.


„Никогаш не сонував за тоа да станам модел бидејќи сум премногу слаба и премногу ниска. Се надевав дека еден ден ќе можам да работам во туристичка агенција како мојот татко, бидејќи сакав да патувам", изјавила Кејт.

Првиот успех исто така се случил случајно. Француската манекенка и пејачка Ванеса Паради ја одбила понудата на „Calvin Klein“ да учествува во нова кампања за неговата долна облека, па дизајнерот барал модел кој личи на неа. Фабиен Барон, француски режисер и монтажер, тогаш го запознал со Кејт и таа веднаш ја добила работата.

Никој не ја сакал на модната писта, а потоа стана најбарана

Иако таа работа ја прослави, Кејт не сакала да позира топлес и во многу провокативни пози.

„Тоа едноставно не бев јас. Доживеав нервен слом кога морав да работам со Марк и Херб Ритс. Не станав од кревет две недели. Тогаш никој не се грижеше за вашата психичка состојба. Постоеше голем притисок едноставно да го правите она што морате“, изјави Мос во една прилика.


Но, тогаш нејзината кариера експлодираше. Девојката која на почетокот никој не ја посакувал на модната писта, стана најбарана за ревиите. Кејт беше предводник на новата генерација на супермодели бидејќи нејзиното доаѓање на сцената го означи крајот на доминацијата на традиционално женствените модели. Таа преку ноќ стана икона.

Додека беше во врска со Џони Деп, тие беа еден од најпознатите парови во 90-те. Папараците внимателно го следеа секој нивен чекор, а нејзините аутфити од фотографиите станаа „must have“ во лежерната мода. Многумина се обидуваа да го копираат нејзиниот стил.

Сепак, поради нејзината слаба фигура, многумина беа убедени дека Кејт има анорексија, но таа го негираше тоа.

А потоа дојде зависноста...

Мос никогаш не криела дека има проблем со дрогата. Таа помина извесно време во клиника во Лондон. Тогаш се пишуваше дека била исцрпена, но всушност била на рехабилитација. Нејзиниот дом во Лондон станал средиште на бучни забави, поради што соседите често се жалеле, а понекогаш дури и викале полиција.

Проблемите со дрогата кулминираа кога еден британски таблоид објави видео на кое Кејт консумира кокаин. Модните куќи „Burberry“ и „Chanel“ веднаш ја прекинаа соработката со неа.


„Преземам целосна одговорност за моите постапки. Исто така, сфаќам дека имам голем број лични проблеми со кои морам да се справам и ги презедов првите тешки, но неопходни чекори за да ги решам. Сакам да им се извинам на сите луѓе кои ги разочарав со моето однесување кое исто така лошо се одрази на моето семејство, пријатели, соработници, деловни партнери и други.Се трудам да останам позитивна, а поддршката и љубовта што ја добивам ми значат сè“, изјави Мос во извинувањето.

Извесно време таа не беше во очите на јавноста бидејќи отиде на клиника за рехабилитација во Америка, од која се врати во јануари 2006 година.


Таа тврди дека се одвикнала од дрогата, а во последните години е сопственик на агенција за модели. Мос неодамна изјави дека не се чувствува како 50-годишна жена.

„Педесетти роденден? Не, тоа не е точно. Не можам да верувам, мора да е некоја грешка. Дали навистина имам 50 години? Не се чувствувам така“, рече таа.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk