Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, во натпреварот против Тејлор Фриц на УС Опен имаше значителна поддршка од трибините.
Во неговата ложа се наоѓала и најбогатата Србинка, Ребека Мекдоналд, која е родена како Убавка Митиќ.
Ребека е долгогодишна пријателка на Новак, а била и член на Советодавниот одбор во PTPA, организацијата на Новак.
Ребека е родена во 1953 година како Убавка Митиќ и важи за најбогатата Србинка на светот. За „TV Hram“ своевремено таа ја опишала својата најголема авантура, која прераснала во деловна империја.
„Девојчето Убавка Митиќ отиде во Канада и стана Ребека Мекдоналд. Беше тоа трнлив пат. Многу е потешко отколку што младите мислат. Западот не е за секого. Тоа беше авантуризам. Кога сте млади многу не разбирате. Никогаш не зажалив. Да опстанеш на Западот е многу тешко. Во бизнисот влегов поради тоа што мојот покоен сопруг кажа дека не можам да успеам. Јас сум многу тврдоглава, го имам својот инает. Тоа го направив за да му покажам дека е можно. Се гордеам што сум Канаѓанка со српско потекло“, изјавила таа.
Ребека е основач на компанијата „Just Energy Group Inc“ во Торонто. Уште во 1989 година таа ја основала „Energy Marketing Inc“, а во 1995 година „Atlantic Power“, а поради деловните потфати ја нарекувале „српската кралица на нафтата и гасот“ затоа што нејзиното богатство се проценува на две милијарди долари.
Мекдоналд е носител на дипломатското признание „витез на светосавскиот пацифизам“ исто така и почесен претседател на сесрпскиот самит на деловна и академска дијаспора.
Позната е по филантропската работа, па донирала три милиони долари во болница во Торонто за борбата против артритис со којшто и самата таа се борела. Имала чест со удар во ѕвоно да ја отвори берзата во Њујорк, а добила и бројни награди како бизнисменка. „Profit Magazine“ шест години по ред ја прогласувал за канадска бизнисменка на годината.
Таа има почесна диплома на Универзитетот во Викторија и е страстен љубител на тенисот и поборник за спортот ширум светот, а особено ѝ е драг Новак Ѓоковиќ со кој прославила и едно освојување на УС Опен во 2018 година.
Говорејќи за приватниот живот, истакнала дека нејзината мајка имала големо влијание врз неа:
„Никогаш не им давам на индивидуите, освен на децата кои сакам да се школуваат. Давам на болниците. Знаете, мора да бидам искрена, мојата покојна мајка дојде и ми рече на сите да им давам, но дека не им давам доволно на Србите и Канаѓаните. Јас мислев дека тие се дел од сите. Морав да ја послушам мајка ми како добро дете. Прашав што ќе биде најдобро да направам и таа рече – направи црква.
И, јас поради неа изградив црква во Торонто“, раскажала Ребека Мекдоналд.