Обвинителството во Аргентина побара 12 години затвор за неврохирургот Леополдо Луке и осум години за психијатарката Агустина Косаков во постапката што се води поради смртта на легендарниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона, пренесува порталот „Infobae“.
Обвинителите Патрисио Ферари и Косме Ирибарен побараа и 10 години затвор за Ненси Форлини, координаторка на здравствената служба на компанијата „Swiss Medical“, пет години за психологот Карлос Дијас, како и по четири години затвор за медицинскиот техничар Рикардо Алмирон и координаторот на медицинските сестри Маријано Перони.
Обвинителството соопшти дека нема да бара кривична одговорност од клиничкиот лекар Педро Ди Спања, со образложение дека немал овластувања да носи одлуки за лекувањето на поранешниот фудбалер.

Обвинителството смета дека Луке и останатите обвинети со своето постапување и пропусти придонеле за смртта на Марадона, додека одбраната ги оспорува таквите тврдења.
„Смртта на Марадона можела да биде избегната“, наведоа обвинителите, изнесувајќи ја својата процена за одговорноста на медицинскиот тим во завршните зборови.

Според тврдењата на обвинителството, Луке не ги спровел дополнителните прегледи што ги препорачал кардиологот, не ја ажурирал медицинската документација ниту организирал сместување на пациентот во специјализирана здравствена установа, туку прифатил закрепнувањето да продолжи во домашни услови.
Обвинителството тврди и дека медицинскиот тим не реагирал соодветно на симптоми како отекување на телото и задржување течности, кои ги смета за знаци на влошување на здравствената состојба.

Луке оспори дека бил лекарот што непосредно го водел лекувањето за време на закрепнувањето на Марадона дома и го застапуваше ставот дека фудбалерот починал од ненадеен и непредвидлив срцев застој. И другите обвинети го оспоруваа толкувањето на нивните улоги во организацијата и спроведувањето на домашното лекување.
Марадона почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, во куќа во местото Бенавидез, во провинцијата Буенос Аирес, каде што закрепнуваше по операција на хематом на мозокот.

Во постапката седуммина членови на медицинскиот тим се товарат за убиство со евентуална умисла, односно за постапување за кое, според обвинението, биле свесни дека може да доведе до смртен исход, но се согласиле со него.
По завршните излагања на обвинителството, своите аргументи ги изнесуваат застапниците на оштетените, по што ќе следуваат излагањата на одбраната. Судот потоа ќе ги разгледа доказите и ќе одлучи за кривичната одговорност на обвинетите.












