Сè погласните шпекулации за потенцијалното заминување на Ерлинг Халанд од Манчестер сити добија сосема нова димензија. Официјално најдобриот напаѓач во светот одлучи конечно да го прекине молкот и јавно да се огласи за драматичната ситуација во која моментално се наоѓа неговиот клуб.
Англискиот великан се соочува со сериозни обвиненија за прекршување на финансиските правила, па над главата му виси мечот на драстични казни, од одземање на освоените трофеи до потенцијално исфрлање од Премиер лигата.
Поради огромната неизвесност на Етихад, медиумите веќе наголемо почнаа да го преселуваат Норвежанецот во редовите на европските гиганти, при што како главни дестинации се споменуваа Реал Мадрид, Барселона, па дури и ривалскиот Арсенал.

Сепак, Халанд реши да стави крај на сите чаршиски муабети, да застане покрај својот клуб и со изјавата барем накратко да ги смири исплашените навивачи на Граѓаните.
„Мораме да останеме заедно, да бидеме обединети и да останеме позитивни без оглед на тоа што се случува во животот“, порача опасниот Норвежанец, а потоа емотивно додаде:

„Искрено, многу ми значат Манчестер Сити и нашите навивачи, бидејќи и самиот се чувствувам како еден од нив, па во овие тешки моменти мораме да бидеме обединети и позитивни“.
Британските медиуми ги толкуваат овие зборови како недвосмислен сигнал дека извонредниот голгетер нема никаква намера да ги пакува куферите во текот на претстојниот зимски преоден рок.








