Николас Талјафико беше дел од прошталниот натпревар кој се одигра против Бенин и се најде во стартниот тим, а како играч кој одигра 120 минути и во финалето на Светското првенство, сега реши мирно и спокојно да направи искрена анализа тоа што се случи во Њу Џерси.
По поразот во финалето, во Аргентина се појавија многу теории на заговор за тоа дека „гаучосите“ намерно загубиле, но откако ваквите шпекулации беа демантирани од водечките луѓе на Федерацијата и од капитенот Лео Меси, самите актери од финалето сега почнуваат со ладна глава да ја коментираат немоќта во финалето против Шпанија.
– Нашиот настап во финалето беше многу слаб во споредба со другите натпревари и далеку од она што го прикажавме во 2022 година. За жал, Шпанија целосно нè надигра тактички. Мислам дека луѓето се обидуваа да најдат начин да кажат дека не сме онаа репрезентација што сите ја познаваа, но за жал, сметам дека тактички нè прегазија. Шпанија е тим што врши висок пресинг, ви ја одзема топката и доминира во поседот. Токму тоа е она што не ни одговара на нас како тим. Ние сме тим што сака да ја контролира играта преку посед на топката. Кога ќе ја изгубиме таа контрола, мораме да се браниме компактно, а тоа не ни е најсилната страна.
– Секое погрешно додавање ѝ ја враќаше топката на Шпанија. Нè тераа постојано да трчаме по нив и на крајот тоа стана исцрпувачки, како физички, така и ментално. Ние не сме тим што се чувствува пријатно играјќи без топка. Мораме да признаеме дека Шпанија одигра многу подобро од нас. Во ниту еден момент од натпреварот не успеавме да го пронајдеме својот ритам или смиреноста за да ја задржиме топката во посед. Мислам дека емоционалната, физичката и менталната исцрпеност од претходните натпревари одиграа огромна улога за таков епилог, – потенцира левиот бек на Лион.








