Кејти Прајс покренала постапка за развод од Ли Ендруз откако открила дека во криптопаричникот нема 50 милиони долари, туку само 2,22 фунти.
Само 2,22 фунти, односно околу 150 денари, биле доволни Кејти Прајс да стави крај на својот осуммесечен брак. Британската ријалити-ѕвезда, наводно, одлучила да се разведе од Ли Ендруз откако открила дека неговото богатство од 50 милиони долари постои само во приказните со кои со месеци ја убедувал дека е милионер.

Кејти веќе контактирала со адвокат, додека на сопругот одлуката му ја соопштила преку порака. Нејзината реакција била кратка и директна: „Ме измами и ти не си оној за кого се претставуваш. Зошто ме лажеше?“.
Шифрата што открила сè
Ендруз ја убедувал сопругата дека во својот криптопаричник поседува околу 37 милиони фунти, што е приближно 50 милиони долари. Ѝ ветувал и дел од тие пари, а како доказ дека ништо не крие ѝ ги дал податоците за пристап до сметката.
Наместо потврда за милионското богатство, следувал целосен пресврт. Финансискиот експерт што го ангажирала Кејти го проверил салдото на сметката и открил дека на неа има само 2,22 фунти.

Според наводите на британските медиуми, со дополнителната проверка било утврдено дека Ендруз никогаш немал десетици милиони на таа сметка. Најголемата сума била забележана во март годинава, кога се појавиле околу 14.490 долари, но парите истиот ден биле префрлени понатаму.
За Кејти, која дотогаш верувала во ветувањата на сопругот, тоа, наводно, било конечен доказ дека целата приказна за богатството била измислена.
Брак склучен по бурна романса
Кејти и Ли се венчаа на почетокот на 2026 година во Дубаи, по многу кратко познанство. Нивната романса од самиот почеток била бурна, а само неколку месеци подоцна Ендруз завршил во затворот Ал Авир.
Тој, според пишувањето на британскиот печат, се наоѓа зад решетки поради финансиски спорови и обвиненија за измами. Во меѓувреме се обидува да собере пари потребни за да излезе на слобода, додека на затворениците, наводно, од недела во недела им зборува дека неговото ослободување веќе е договорено.

Кејти, која не го видела неколку месеци, нема намера да оди во Дубаи ниту да му помогне да излезе од затвор. Наместо тоа, се подготвува за развод и се обидува целосно да се дистанцира од човекот за кого сега тврди дека не бил она за што се претставувал.
Исчезна и венчалниот прстен
Дека бракот е во сериозна криза можело да се насети и за време на нејзиниот престој во Шпанија. Кејти само неколку дена претходно сè уште го носела венчалниот прстен, но потоа на социјалните мрежи се појавила снимка на која прстенот повеќе го немала.
Во сребрен фустан танцувала со пријателите во ритамот на песната на Нели Фуртадо додека покрај видеото оставила порака: „Понекогаш едноставно мора да се опуштите!“.

На патувањето друштво ѝ прави ријалити-ѕвездата Клои Фери, а Кејти со фотографиите и снимките покажала дека, и покрај брачниот крах, добро се забавува.
Пријателите со месеци ѝ велеле да го остави
Луѓето блиски до Кејти, наводно, со олеснување ја дочекале нејзината одлука. Како што тврдат, со месеци ја предупредувале за приказните на Ендруз и се обидувале да ја убедат да го провери неговото минато.

Таа, сепак, долго останувала покрај сопругот и го бранела од бројните обвинувања. Дури откако експертот го отворил криптопаричникот и открил речиси празна сметка, сфатила дека од ветените милиони нема ништо.
Доколку бракот и официјално биде завршен, ова ќе биде четвртиот развод на Кејти Прајс. Пред неа, сепак, би можела да стои комплицирана правна битка бидејќи сопружниците, наводно, немале потпишано предбрачен договор, а венчавката била одржана во Дубаи.















