Шест години по смртта на Кирк Даглас, еден од последните великани на златната ера на Холивуд, јавноста доби подетален увид во начинот на кој легендарниот актер го распределил она што го стекнал во текот на животот.
Додека најголемиот дел од неговото парично богатство завршил во хуманитарни и образовни институции, на членовите на семејството им оставил нешто сосема поинакво – уметнички дела, филмски спомени, признанија и предмети кои имале посебна лична вредност.
Меѓу наследниците се нашла и неговата снаа Кетрин Зита-Џонс, на која ѝ припаднал еден многу необичен уметнички предмет.

Милионите не им ги оставил на семејството
Кирк Даглас почина на 5 февруари 2020 година, на 103-годишна возраст. Набргу по неговата смрт беше објавено дека од богатството проценето на околу 61 милион долари, дури 50 милиони долари ги наменил за добротворни цели преку „Фондацијата Даглас“, која ја основал со сопругата Ен.
Парите, меѓу другото, биле наменети за Детската болница во Лос Анџелес, Универзитетот Сент Лоренс, Синајскиот храм во Лос Анџелес и театарот кој го носи неговото име.
Неговиот син Мајкл Даглас не бил меѓу наследниците на тој дел од паричното богатство. Сепак, сега објавените документи покажуваат дека тоа никако не значело дека холивудската легенда го изоставила своето семејство од тестаментот.
Напротив, на децата и внуците им оставил голема колекција уметнички дела, награди и спомени кои го следеле низ животот и кариерата.

На Мајкл му го оставил Шагал, но и скулптура од Југославија
На Мајкл Даглас му припаднала особено интересна колекција.
Меѓу предметите кои му биле оставени се наоѓаат правоаголен дрвен уметнички предмет, пет скулптури наменети за отворен простор, меѓу кои висока бронзена фигура на жена, скулптура на две деца, како и мала скулптура на гола девојка со плетенки.
Во документите токму последната скулптура е означена како дело со „југословенско“ потекло.
Мајкл наследил и 19 литографии од познатиот сликар Марк Шагал, од циклусот „Библиска серија“.
Деталот за југословенската скулптура особено го привлекува вниманието поради добро познатите врски на Кирк Даглас со некогашна Југославија. Славниот актер повеќепати престојувал на овие простори, а познато е и дека се среќавал со Јосип Броз Тито.

Оскарот завршил кај другиот син
Кирк Даглас не сакал ни неговите најважни признанија да останат без јасно определен наследник.
На неговиот син Џоел му припаднал почесниот Оскар што актерот го доби во 1996 година за повеќедецениски придонес во филмската уметност.
Џоел добил и тродимензионална минијатура на Кирк и Ен, како и неколку слики.
На Питер Даглас му припаднал друг дел од семејната уметничка колекција, додека Мајкл, Џоел и Питер имале можност да изберат спомени и предмети во вредност до 100.000 долари.
Со тестаментот не било заборавено ниту долгогодишниот семеен персонал на Дагласови. Ним им било овозможено да земат дел од гардеробата и личните предмети на Ен Даглас, која почина во 2021 година на 102-годишна возраст.

Посебен подарок за Кетрин Зита-Џонс
Еден од најинтересните детали се однесува токму на Кетрин Зита-Џонс, сопругата на Мајкл Даглас.
Нејзе ѝ била оставена скулптура со назив „Клупа на пријателството“, дело на американскиот вајар Џон Кенеди.
Кенеди бил познат по своите бронзени фигури и скулптури на човечки ликови, па подарокот за Кетрин не претставувал само вреден уметнички предмет, туку и дел од колекцијата што Кирк и Ен ја создавале со години.

На внуците им ги оставил најважните признанија
Голем дел од личното наследство им припаднал и на внуците на Кирк.
Камерон Даглас, најстариот син на Мајкл, го наследил Претседателскиот медал на слободата, едно од најзначајните цивилни признанија во САД, кое на Кирк Даглас во 1981 година му го доделил тогашниот претседател Џими Картер.
Другиот внук ја добил Џеферсоновата награда за јавна служба од 1983 година, додека останатите признанија биле поделени меѓу други членови на семејството.
На една од внуките ѝ припаднал и голем дел од накитот на Ен Даглас.












