Приказната за славното италијанско автомобилско семејство „Maserati“ наскоро пристигнува на големото платно во филмот „Maserati: The Brothers“, а објавен е и првиот тизер кој носи сцени од опасните автомобилски трки од периодот пред Втората светска војна.
Филмот ја следи приказната на браќата Алфиери, Биндо и Карло Масерати, додека еден од централните настани ќе бидат историските триумфи на „Maserati“ на трката „Indianapolis 500“, на која овој производител победил две години по ред – во 1939 и 1940 година.
Холивудски ѕвезди во приказната за „Maserati“
Посебно внимание привлекува актерската екипа предводена од оскаровците Ал Пачино и Ентони Хопкинс, додека во филмот се појавува и Енди Гарсија, кој исто така беше номиниран за „Оскар“.
Режијата ја потпишува Роберт Мореско, добитник на „Оскар“ за најдобро оригинално сценарио, а филмот во најголем дел е сниман на локации во Модена и нејзината околина, како и делумно во Рим.
Опасни трки на италијанските патишта
Првиот тизер прикажува предвоени тркачки автомобили кои со голема брзина се натпреваруваат на тесните италијански патишта, доловувајќи колку опасни биле автомобилските трки во тоа време.
Зад проектот стои компанијата на продуцентот Андреа Јерволино, која претходно учествуваше во создавањето на филмовите „Ferrari“ и „Lamborghini: The Man Behind the Legend“, а големите актерски имиња дополнително ги зголемуваат очекувањата од новата автомобилска биографска драма.
„Maserati“, инаку, е единствениот италијански производител на автомобили кој победил на „Indianapolis 500“, а токму богатата тркачка историја на компанијата би требало да биде еден од главните адути на филмот „Maserati: The Brothers“.








