Примија 17 гола во квалификациите, немаат ниту една победа, но ќе играат во Европа

Точка

27/08/2026

14:54

444

Големина на фонт

а а а

Хартс оваа сезона ќе игра во лигашката фаза на европско натпреварување иако во квалификациите не забележа ниту една победа. Шкотскиот клуб стигна до Европа по неверојатен пат, преку три различни натпреварувања и низа тешки натпревари во кои неколкупати беше на работ на елиминација.

Дебакл против Бенфика, драма во Виена

Патот започна во квалификациите за Лигата на шампионите, каде Хартс влезе како шкотски вицешампион. Во второто квалификациско коло го чекаше австриски Штурм Грац, против кого немаше многу шанси. Штурм славеше на двата натпревари, со 2:0 во Единбург и 4:0 во Австрија, и продолжи понатаму со вкупен резултат од 6:0.

Хартс потоа се пресели во квалификациите за Лигата на Европа, каде го чекаше Бенфика. Ниту таму не успеа да приреди изненадување. Првиот натпревар заврши 1:1, а потоа Бенфика во реваншот славеше со убедливи 6:1 и продолжи понатаму со вкупни 7:2.

Така, шкотскиот клуб последната можност за пласман во европска лигашка фаза ја доби во плејофот од Конференциската лига против Рапид Виена. На првиот натпревар во Единбург беше 2:2, а истиот резултат се повтори и во Австрија.

По продолженијата и вкупните 4:4, одлуката падна на пенали, каде Хартс беше посмирен и обезбеди пласман понатаму. Голманот Бо Реус стана херој со своите одбрани во пенал-серијата, а шкотскиот клуб обезбеди историски пласман во европската лигашка фаза. Така Хартс стигна до Европа без ниту една победа во 90 минути во квалификациите.

Шкотската сензација која за малку ќе го урнеше Олд Фирм

Европската приказна на Хартс добива дополнителна тежина кога ќе се погледне што направи клубот минатата сезона во Шкотска. Тимот од Единбург беше на чекор од една од најголемите сензации во историјата на тамошниот фудбал и до самиот крај се бореше за шампионската титула против Селтик и Ренџерс.

Во шкотскиот фудбал со децении постои речиси целосна доминација на двата клуба од Глазгов. Селтик и Ренџерс ги освојуваа сите титули од 1985 година, кога последен пат шампион беше клуб надвор од Олд Фирм. Тогаш Абердин, предводен од младиот Алекс Фергусон, ја освои својата четврта шампионска титула, а оттогаш никој друг не успеа да ја прекине доминацијата на најголемите шкотски клубови.

На чекор до чудо

Токму затоа походот на Хартс имаше толкава тежина. Клубот кој само една сезона претходно заврши на седмото место и заостана дури 42 бода зад шампионот Селтик, една година подоцна се претвори во сериозен кандидат за титулата.

Под водство на Дерек Мекинес, со паметна трансфер-политика и поддршка од инвеститорот Тони Блум, Хартс долго време беше на врвот на табелата и влезе во завршницата на првенството со реална шанса да стане првиот шкотски шампион надвор од Глазгов по повеќе од 40 години.

На крајот, Селтик сепак го издржа притисокот и ја освои титулата, но дури по драматична завршница. Хартс во последното коло гостуваше кај Селтик и му беше потребна победа или реми за историска титула, но домаќинот славеше со 3:1 и го задржа трофејот.