Исчезна поранешен репрезентативец на Унгарија

Точка

26/08/2026

19:46

1.006

Големина на фонт

а а а

Фудбалскиот свет го потресе веста за исчезнувањето на поранешниот унгарски репрезентативец Акош Бужаки. Унгарската полиција трага по 44-годишниот поранешен играч од средниот ред на англиските клубови Квинс Парк Ренџерс, Плимут Аргајл и Портсмут, кој се води како исчезнато лице од 18 август.

Семејството на Бужаки и неговите поранешни клубови се загрижени поради неговото исчезнување. Неговиот татко, Акош Бужаки постариот, за унгарските медиуми изјавил дека не знаел оти полицијата трага по неговиот син и дека тој во последните години често престојувал во Грција, каде што работи во градежниот сектор. Последен пат разговарал со него минатата недела.

„Клубот е загрижен откако дозна дека Акош Бужаки се води како исчезнато лице. Сите се молиме да биде пронајден жив и здрав“, објави неговиот поранешен клуб Квинс Парк Ренџерс, каде што Унгарецот остави најголема трага во англискиот фудбал.

Беше миленик на навивачите на КПР

Бужаки најголемиот дел од кариерата го помина во Англија. По почетоците во МТК и краткиот период во Порто, пристигна во Плимут Аргајл, каде што стана еден од најважните играчи во тимот. За Плимут одигра повеќе од 100 натпревари, а во 2007 година се пресели во Квинс Парк Ренџерс.

Во КПР стана еден од најомилените играчи меѓу навивачите. Му помогна на клубот во 2011 година да избори пласман во Премиер лигата, а во сезоната 2011/12 ја одигра и својата единствена сезона во највисокиот ранг на англискиот фудбал. За КПР вкупно забележа 66 настапи во Чемпионшип и уште 18 во Премиер лигата.


Беше познат по силниот удар од далечина, креативноста и техничкиот квалитет, поради што во Англија го доби прекарот „Белиот Пеле“. По заминувањето од КПР настапуваше за Портсмут и Барнсли, а кариерата ја заврши во Ференцварош во 2015 година.

Пред да замине во Англија, Бужаки беше член на Порто, со кој ги освои португалското првенство и купот, како и Купот на УЕФА во 2003 година. Сепак, во тимот на Жозе Мурињо не успеа да се избори за постојано место, па по позајмицата во Академика кариерата ја продолжи во Англија.


По завршувањето на играчката кариера работеше како тренер. Водеше младински категории и работеше во неколку унгарски клубови, а во последните години се повлече од професионалниот фудбал.