Според наводите на неколку локални медиуми, дрогата била скриена во кеси за пазарување, а вкупната количина изнесувала околу 86 килограми.
Голем скандал го тресе бразилскиот гигант Сао Пауло. Имено, за време на гостувањето во Боливија, каде што во рамките на „Copa Sudamericana“ требаше да играат против Боливар, полицијата запрела автобус со ознаки на бразилскиот клуб и во него пронашла повеќе од 80 килограми марихуана.
Автобусот со обележја на Сао Пауло првично требало да ги превезува фудбалерите на бразилскиот клуб за време на нивниот престој во Санта Круз, но се случил неочекуван проблем. Локалната полиција го претресла автобусот во ноќта меѓу вторникот и средата и во него пронашла неколку десетици пакети марихуана.
Транспортната компанија „Cosmos“ брзо се оградила од случајот, наведувајќи: „Екипата на Сао Пауло не го користеше овој автобус, туку ѝ беше доделен друг“, пред да додаде: „Нагласуваме дека целосната одговорност е на боливиските возачи“.
Возилото било лесно препознатливо бидејќи ги носело боите и логото на бразилскиот клуб, а фотографиите објавени од безбедносните служби потврдуваат дека токму тој автобус бил прегледан во Вила Тунари, во департманот Кочабамба, во централниот дел на Боливија, област позната по производството на кока, пишува „L’Equipe“.

За време на претресот, полицајците пронашле 65 правоаголни пакети во кои имало „зеленикава материја“, за која по анализата било потврдено дека е марихуана. Според наводите на неколку локални медиуми, дрогата била скриена во кеси за пазарување, а вкупната количина изнесувала околу 86 килограми. Во рамките на акцијата биле уапсени три лица, соопштил одделот за борба против наркотици.













