Официјално: Рома го претстави посакуваното засилување од Атлетико

Дерби

12/08/2026

13:03

327

Големина на фонт

а а а

Џан Пјеро Гасперини изврши притисок врз управата на Рома и побара засилување по неуспешната турнеја која ја имаше тимот на пресезонските подготовки во Англија, па откако пристигна информација дека е договорен Луис Енрике од Интер, денеска пристигна официјална потврда и за трансферот кој се „крчкаше“ неколку недели.

Искусниот италијански стручњак ќе добие квалитетно засилување во одбраната во вид на актуелен светски вицешампион и шампион од 2022-ра година, десниот бек Науел Молина.

Долгогодишниот „воин“ на Диего Симеоне стана прекуброен во новиот проект на аргентинскиот стручњак, а тоа знаеше како да го искористи Рома која беше најупорна во преговорите.

Римскиот клуб денеска го потврди трансферот и аргентинскиот репрезентативец позираше со новите обележја, при што се обврза на верност до 2030-та година.

Молина одигра речиси 150 официјални натпревари за Атлетико Мадрид, постигна осум голови и забележа 12 асистенции, а во клупската каса ќе остави 13 милиони евра. Толку чини фиксната сума која мора да плати Рома, која како клуб ќе има обврска да уплати уште шест милиони евра доколку се остварат одредени бонуси.