МЗТ се пофали со трето домашно засилување: Македонски репрезентативец е нов бек-шутер на шампионот

Дерби

12/08/2026

12:22

194

Големина на фонт

а а а

МЗТ Скопје полека ги реди завршните коцки за тоа како ќе изгледа тимот во новата натпреварувачка сезона, а од денеска, ново засилување за тимот кој го води Васко Атанасов ќе биде уште еден македонски репрезентативец.

Македонскиот првак се пофали со потписот на 22-годишниот Петар Бошалески, кој во овој летен преоден рок се претвора во трето домашно засилување за „штрковите“.

– Македонскиот репрезентативец Петар Бошалески (22 години, 197 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона, откако денеска официјално стави потпис на договорот со нашиот клуб. Станува збор за талентиран бек-шутер, кој откако ги мина сите младински национални селекции, летово ги одигра и првите два натпревари во дресот на сениорската репрезентација на Македонија, во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029.

– Охриѓанецот своите настапи во домашната Суперлига ги почна како кошаркар на Работнички, по што направи трансфер во Пелистер, а минатата сезона ја мина во дресот на Тиквеш. На 27 натпревари бележеше просек од 12,4 поени, 5,6 скока и две асистенции, со што го привлече вниманието и заслужи место во сениорската репрезентација.

– Бошалески е третото домашно засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. Досега се ангажирани и четворица интернационалци – Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, босанскиот центар Емир Крајиниќ и српскиот центар Димитрије Николиќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов. МЗТ Скопје во сезоната што следува ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

Добредојде во Аеродром, Петар!, – порачаа од Аеродром.