Од Тетово до сонот за многумина - Вимблдон: Која е Лина Ѓорческа, македонската тениска хероина - „можеби доаѓам од мала земја, но имаме огромно спортско срце“

Точка

26/06/2026

18:37

913

Големина на фонт

а а а

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (31) испиша историја и по повеќе од една и пол деценија професионална кариера конечно го оствари својот долгогодишен сон – обезбеди пласман на престижниот Гренд слем турнир Вимблдон. Со овој огромен успех, таа не само што направи најголем исчекор во својата кариера, туку ја направи горда и целата македонска јавност.

Љубовта кон тенисот кај Лина започнала уште од најрана возраст. Таа е дел од овој спорт уште од својата шеста година, а човекот кој прв ја вовел во светот на тенисот е нејзиниот брат, кој ја однел на првиот тренинг. Денес, токму тој е меѓу најгордите што сведочи на историскиот успех што таа го постигна.

Сепак, овој голем триумф за Лина носи и силна емоционална тежина. Нејзиниот татко, македонската одбојкарска легенда Владимир Ѓорчески – Ципа, почина кон крајот на мај 2026 година и не дочека да ја види својата ќерка како настапува на својот прв Гренд слем турнир.


Така, зад еден од најголемите успеси во македонскиот спорт денес стои и една тивка лична болка – момент кој сигурно би бил еден од најгордите и за човекот кој отсекогаш бил нејзина голема поддршка.

Што знаеме за Лина Ѓорческа?

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа важи за едно од најголемите спортски имиња што Македонија ги има изградено во белиот спорт. Родена е на 3 август 1994 година во Тетово, а уште од најрана возраст било јасно дека спортот ќе биде неизбежен дел од нејзиниот живот.

Потекнува од семејство во кое спортот отсекогаш имал посебно место. Нејзините родители се поранешни одбојкари, додека татко ѝ, Владимир Ѓорчески – Ципа, своевремено настапувал и за репрезентацијата на Југославија.

Љубовта кон тенисот кај Лина се родила во 2001 година, кога како дете започнала да тренира заедно со својот постар брат во родното Тетово. Набрзо, поради поголеми можности за напредок, тренинзите ги продолжила во Скопје, каде почнал сериозно да се гради нејзиниот спортски пат.


На само 16 години го одиграла својот прв професионален натпревар, а оттогаш кариерата ѝ бележи постојан подем. Нејзин најдобар пласман досега е 170. место на ВТА листата во сингл конкуренција и 116. место во дубл.

Ѓорческа денес е најуспешната македонска тенисерка, со импресивни 15 освоени титули во сингл и дури 47 титули во дубл, бројки што ја прават убедливо најтрофејна во домашниот тенис.

Иако веќе испиша значајни страници во македонската спортска историја, Лина не крие дека нејзината голема професионална амбиција е еден ден да се најде меѓу 50-те најдобри тенисерки во светот.

Нејзин најголем спортски идол отсекогаш била легендарната Серена Вилијамс, тенисерката која ѝ била инспирација низ целата кариера.


Изјавата на Лина по историскиот успех

По големиот успех Лина Ѓорческа не го криеше задоволството и даде емотивна изјава за телевизијата на Вимблдон.

„Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историјата, и во машка и во женска конкуренција, која се избори за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот“, изјави Ѓорческа.

Таа зборуваше и за предизвиците со кои се соочуваат спортистите од Македонија, истакнувајќи дека патот до врвот е многу потежок поради ограничените услови за работа.


„Тоа што доаѓам од мала земја не е лесно, околу комплетната логистика, тренинзите, условите, секако и парите. Но, кога си тука даваш 100% за да успееш, па на крајот сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја, но секако имаме огромно спортско срце“, порача македонската тенисерка.