Дарио Ивановски го освои полумаратонот на јубилејното 10. издание на „Охрид трчат“. Натпреварот привлече рекорден број на учесници и нуди преглед на резултатите по категории, вклучувајќи машка и женска конкуренција, штафети и тимски натпревари.
Македонскиот атлетичар и член на АК „Скопски маратон“, Дарио Ивановски, победи на полумаратонот на 10. јубилејно издание на „Охрид трчат“ што се одржа денеска низ улиците на Охрид.
Тој патеката од 21 километар ја мина за време од 1 час 10 минути и 46 секунди.
Втор на целта на 21 километар пристигна Игор Трипуновски од Македонија со време 1:19:22 часа, а трет беше Томаш Суњог од Унгарија со време 1:21:52 часа.

Во женска конкуренција на полумаратонот најбрза беше Греса Бакрачи од Косово со време 1:31:35 ч., втора пристигна Биљана Кираџиева од Србија (1:34:07 ч.), а трета финишираше Благица Јованова од Македонија со време 1:35:24 ч.
Во штафетната трка на 21 километар мажи триумфираа „Korruners & Atomic“ со време 1:26:37ч., пред „Битолски бавни тркачи“ (1:26:50ч.) и Алексинац ранинг клуб (1:30:41ч.). Кај жените триумфираше штафетата на МС Ран со време 1:41:02 часа, пред „CaMino de Santiago Francés 2026 M+F“ со време 1:42:48 часа и екипата „Трајчески“ со време 1:55:01 часа.
Кај мешаните штафети најбрза беше екипата на „Битола трча“ со време 1:29:44ч., втора пристигна штафетата „Тирунмису“ (1:34:29ч.), а трета беше штафетата „АОК ЗЛАТОВРВ“ (1:38:13ч.).

Во тимска конкуренција мажи на 21 километар победи АК „Скопски маратон“ со време 5:22:38 часа, пред АКК „Ран клуб“ со време 6:06:50 часа и „Ран Авеј“ 07:22:05 часа. Кај жените најдобар беше тимот на АК „Атомик“ (07:29:34 ч.), пред „Ран Авеј“ (7:52:33 ч.) и АКК „Ран клуб“ (08:28:38 ч.).
Во трката на 5 километри во машка конкуренција прв на целта пристигна Григоријан Никовски од АК Олимп со време 18:02 минути, пред Роберто Димитриевски од АК Велес со време 19: 32 минути и Ванчо Бајам од АК Охрид трчаТ со време 19:42 минути.
Во женска конкуренција на 5 километри победи Матеја Ефремовска од АК Скопски маратон со време 23:44 м, пред Невена Максимовиќ од АК Ран Авеј – Србија, со време 23:53 м, а трета беше Емили Иваноска од АК Скопски маратон со време 24:38м.

Тимски на 5 километри во машка конкуренција триумфираше штафетата „Ракометна школа Седмерец“ – Охрид со време 1:26:47 часа, пред „Ретко е да си редок (1:41:44 ч.) и ЛТХ Леарница (1:42:25 ч.). Во женска конкуренција победи екипата на „3 Disciplines“ со време 1:48:52 ч, пред „Run Away“ (2:01:55 ч.) и „Ретко е да си редок“ (2:13:49 ч.).
На 10. јубилејно издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчат“ учествуваа рекордни 2700 тркачи од 30 земји.














