Радовиш во знакот на борењето: Јубилејниот 50-ти „Македонски бисер“ ја обедини регионалната боречка елита

Точка

01/06/2026

14:15

169

Големина на фонт

а а а

Радовиш изминатиот викенд живееше во ритамот на борењето. Повеќе од 70 натпреварувачи од 10 држави, бројни спортски делегации, гости и љубители на спортот беа дел од јубилејното 50-то издание на Меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“, настан кој уште еднаш ја потврди својата позиција меѓу најзначајните и најреномирани боречки турнири во регионот.

Турнирот официјално го отвори министерот за спорт Борко Ристовски, со што беше означен почетокот на ден исполнет со врвни натпревари, спортски емоции и атмосфера достојна за голем јубилеј.

Омер Мемеди од Македонија го освои трофејот „Македонски бисер“

Во силна меѓународна конкуренција, трофејот „Македонски бисер“ заслужено му припадна на Омер Мемеди, кој доминираше во категоријата до 92 килограми.

Признанието за најдобар домашен борец го доби репрезентативецот Расул Шапиев (74 кг), додека за најдобар странски борец беше прогласен молдавскиот репрезентативец Раду Лефтер (125 кг).


Публиката со особено внимание ги проследи настапите на Мехмет Усинов, Реџеп Хајдари и Илија Атанасов, кои со своите борби уште еднаш покажаа дека македонското борење има иднина.

Претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, истакна дека јубилејното издание уште еднаш ја потврдило важноста на турнирот за развојот на боречкиот спорт и неговиот меѓународен углед.

„Во Радовиш се одржа јубилејното 50-то издание на меѓународниот турнир во борење „Македонски бисер“, еден од најзначајните и најдолговечни спортски настани во нашата држава. Годинава учествуваа повеќе од 70 натпреварувачи од 10 држави, што уште еднаш ја потврди неговата репутација на меѓународната боречка сцена“, изјави Богданов.


Во текот на петте децении постоење, низ „Македонски бисер“ продефилирале бројни европски, светски и олимписки медалисти, што дополнително го потврдува неговото место на мапата на најзначајните боречки турнири во Југоисточна Европа.

Поддршка за спортот и младите

Како генерален спонзор на турнирот, Рудникот за бакар Бучим уште еднаш ја потврди својата посветеност кон развојот на спортот, младите и локалната заедница.

„Македонски бисер е повеќе од спортски турнир. Тој е место каде што се создаваат нови генерации спортисти, се градат пријателства и се негуваат вредности како дисциплина, истрајност и тимски дух. Горди сме што сме дел од оваа успешна спортска приказна која веќе 50 години остава траен белег во македонскиот спорт“, изјави Ивица Карапетров, заменик генерален директор на Рудник Бучим.


Задоволството од успешната организација го изрази и градоначалникот на Општина Радовиш, Љупчо Почивалец, кој истакна дека турнирот претставува еден од најзначајните спортски настани за градот и е горд продолжувач на богатата боречка традиција по која Радовиш е препознатлив.

Монографија, признанија и поддршка за идните шампиони

Во рамки на јубилејната програма беше промовирана монографијата „50 години Македонски бисер“ од авторот Славчо Тодоров, која претставува трајно сведоштво за историјата и развојот на турнирот.

Свечени плакети за придонес во развојот и афирмацијата на боречкиот спорт беа доделени на Министерството за спорт, Општина Радовиш, Рудник Бучим, БК Бучим Радовиш, Адора Инженеринг, делегатот Павлина Георгију од Грција и олимпискиот шампион Шабан Трстена.


Посебен момент на свеченоста беше доделувањето на вредносни ваучери од по 120.000 денари на младите репрезентативци Лука Ананиев и Абдул Азиз за освоените бронзени медали на Европското првенство до 15 години, како поттик за нивниот понатамошен развој и нови спортски успеси.

Голема благодарност до поддржувачите

Организацискиот одбор изразува искрена благодарност до сите партнери, спонзори, медиумски покровители и до бројната публика која беше дел од овој историски јубилеј.

Благодарение на поддршката од Рудник Бучим, Адора Инженеринг, Комерцијална банка, Кожувчанка ДОО, Општина Радовиш и Боречката федерација на Македонија, јубилејниот „Македонски бисер“ прерасна во спортски спектакл од меѓународен ранг, кој по својата организација, квалитет и посетеност ги надмина очекувањата и уште еднаш го насочи вниманието на спортската јавност кон Радовиш.


Половина век по своето прво издание, „Македонски бисер“ останува симбол на спортската извонредност, гордост на Радовиш и еден од најпрепознатливите боречки брендови во регионот. Јубилејното 50-то издание уште еднаш потврди дека „Македонски бисер“ги надминал националните рамки, израснувајќи во турнир со меѓународен углед и препознатливо место на мапата на најреномираните боречки настани во Југоисточна Европа.



Комерцијален текст