Организаторите на парискиот Гренд слем турнир „Ролан Гарос“ го казнија парагвајскиот тенисер Адолфо Даниел Ваљехо со 65.000 евра поради навредливи коментари кон судијка.
Ваљехо беше поразен во второто коло на „Ролан Гарос“ од младиот француски тенисер Куаме по речиси пет часа игра. Французинот славеше во петтиот сет со 7:6 (10:8).
По исцрпувачкиот натпревар, 22-годишниот Парагваец се осврна и на бразилската судијка Ана Карваљо.

„Натпревар како овој треба да го суди маж. Во вакви услови на жена ѝ е многу тешко, бидејќи публиката е изискувачка и потребна е голема цврстина за да се оди против неа и да се создадат услови за нормален тенис. На жена тоа ѝ е потешко отколку на маж“, изјави моментно 71-от тенисер на светот.
Неговите зборови веднаш предизвикаа бројни негативни реакции во француската јавност и медиумите, кои ваквите изјави ги оценија како сексистички напади.

Му одзедоа речиси половина од заработените пари
На ист начин реагираа и организаторите на турнирот, кои му изрекоа висока парична казна.

„Изречена е казна од 65.000 евра, што е приближно половина од неговата награда. Ние не можеме да прифатиме вакви изјави. Ниту како турнир, ниту како федерација, а тие се неприфатливи и во поширок контекст“, изјави директорката на турнирот Амели Морезмо, поранешна успешна француска тенисерка.
Казната практично му одзема значителен дел од заработката што Ваљехо ја оствари со настапот на годинашното издание на „Ролан Гарос“.







