Белоруската тенисерка Арина Сабаленка со сигурна победа го започна овогодишниот настап на Ролан Гарос, а по пласманот во второто коло, повеќето прашања биле насочени кон накитот што го носела за време на мечот против Џесика Бузас Манеиро.
Едно од прашањата било дали дијамантите можеби ѝ пречат на големата жештина во Париз.
„Не сакам кога е лесно, знаете! Сакам да се тестирам себеси. Фустанот што го носам е многу лесен, не го чувствувам. Мислев дека ќе биде многу тешко да се носи црна гардероба, но не беше така, се чувствувам прилично удобно“, прво го прокоментирала аутфитот, а потоа продолжила за накитот:

„Не ја чувствувам неговата тежина, но можам да замислам како изгледа тоа од страна. Всушност, требаше да има уште еден ѓердан, но помислив дека можеби изгледа премногу, па останав само на два. Се чувствувам удобно. Важно ми е да изгледам добро. Ако си изгледам добро самата на себе, тогаш играм подобро и се чувствувам уште подобро“, одговорила Сабаленка.
Потоа следувало незгодно прашање во врска со бојкотот чиј дел е Сабаленка, а сè поради барањето тенисерите да добијат поголем удел од заработката на Ролан Гарос.

Беше констатирано дека се појавиле коментари во кои на Арина ѝ замеруваат за тоа што носи исклучително скапи дијаманти, а од друга страна бара повеќе пари.

„Не гледам како можете да ги поврзете тие две целосно одвоени работи. Како што реков, паричните награди … Не станува збор за мене. Тоа е борба за играчите, за понискорангираните тенисери кои навистина се мачат во тенискиот свет. Тоа нема врска со мене и не се борам за себе за да ми се зголеми наградниот фонд. Сите знаат дека сум добро. Се бориме за проценти од заработката и за понискорангираните тенисери, играчите кои се враќаат од повреда, идните генерации … Не станува збор за мене“, објаснила Сабаленка.










