Британскиот олимписки шампион и пливачка ѕвезда Адам Пити донел одлука што ја шокирала британската јавност.
На претстојните Игри на Комонвелтот ова лето, тој ќе се натпреварува под новото, двојно презиме Ремзи-Пити, со што, според наводите на британските медиуми, симболично ги прекинува последните врски со своето најблиско семејство.
Триесет и едногодишниот Пити, кој воедно е и најстариот член на англискиот тим, се надева дека во јули во Глазгов ќе влезе во историјата како прв британски пливач кој освоил златни медали на четири последователни Игри на Комонвелтот.
Своето место во тимот го обезбедил со импресивна победа на 100 метри градно на априлското првенство на Велика Британија.
Ова воедно ќе биде негово прво големо натпреварување откако во декември минатата година се оженил со инфлуенсерката Холи Ремзи, ќерка на славниот готвач Гордон Ремзи.
Коментирајќи го својот претстоен настап, Пити изјавил дека претставувањето на сопствената земја секогаш е голема чест, а дека е особено емотивно кога Игрите се одржуваат на домашен терен. Се присетил и дека неговата меѓународна кариера почнала токму во Глазгов пред точно 12 години.
Иако Пити некогаш јавно ги нарекувал своите родители, Марк и Каролин, „неопеани херои“ на својот спорт, односите целосно се распаднале. Судирот кулминирал со драстичната одлука мајката Каролин воопшто да не биде поканета на неговата свадба.

Како што пренесуваат британските медиуми, сè почнало кога Каролин не била поканета на моминската вечер на својата идна снаа. Извори блиски до семејството за Дејли мејл тврдат дека Адам драстично се променил откако е со Холи и дека сега смета оти неговото биолошко семејство не е доволно добро за новиот, гламурозен свет на кој сега му припаѓа покрај кланот Ремзи.
Оваа семејна драма е особено горчлива ако се земат предвид огромните жртви што неговите родители ги поднеле за тој да го оствари својот олимписки сон. Како тинејџер, Пити морал да патува на интензивни тренинзи во Дерби, а целиот товар од тие патувања паѓал на неговата мајка.

Секојдневната рутина барала огромен труд. Мајка му Каролин се будела во 4 часот наутро за да го вози 40 минути на тренинг. По двочасовно чекање на базенот, го враќала дома, а потоа одела на полно работно време како менаџерка на градинка, за целиот исцрпувачки процес повторно да се повтори навечер.
Семејните финансии во тоа време биле толку скромни што нивните соседи редовно организирале хуманитарни скари и забави за да соберат пари за гориво потребно за неговите натпревари низ земјата.

Колку нивниот живот бил подреден на неговиот успех најдобро говори податокот дека Каролин никогаш не патувала со авион во странство сè до Олимписките игри во Рио, бидејќи секој слободен ден го користела исклучиво за патувања на трките на Адам низ Велика Британија.
Сопругата на Пити и нејзиното семејство сега ја презеле улогата на негова апсолутна и единствена поддршка.
За време на нивната свадба, Гордон Ремзи одржал говор за кој во медиумите се шпекулираше дека содржел остри забелешки на сметка на отуѓеното семејство на Адам. Наводно, славниот готвач ја споредил мајката на Адам, Каролин, со својата сопруга Тана во прилично негативен контекст, иако подоцна ги демантирал тие наводи.

Без оглед на болниот раздор со родителите, Пити не ја крие благодарноста кон својот нов дедо.
„Беше тешко да се надмине говорот на Гордон. Да се има нејзиното семејство тука, поддршката и љубовта што ја имаат кон нас е неверојатно. Гордон успеа да ја обедини целата просторија, бидејќи за мене тоа е вистинското значење на свадбата“, изјавил пливачот, оставајќи го своето биолошко семејство целосно надвор од својата нова животна приказна.
Пити е осумкратен светски шампион и трикратен олимписки шампион, кој во 13 наврати го соборувал светскиот рекорд. Неговата доминација во базенот е слична на онаа што ја демонстрирале Усеин Болт на атлетската патека и Мајкл Џордан на кошаркарскиот терен, а дури 16 пати бил и европски шампион.












