[ФОТО/ВИДЕО] Филмот „Жолти писма“ на германско-турскиот режисер Илкер Чатак ја освои „Златната мечка“ на Берлинале

Точка

22/02/2026

10:51

328

Големина на фонт

а а а

Филмот „Жолти писма“ (Yellow Letters) на германско-турскиот режисер Илкер Чатак ја освои „Златната мечка“ на 76-то издание на Берлинале.

Кога станува збор за другите значајни награди, Сандра Хилер ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра главна улога во филмот „Rose“; Грант Џи ја доби наградата за најдобар режисер за филмот „Everybody Digs Bill Evans“, а филмот „Queen at Sea“ на Ленс Хамер ја освои „Сребрената мечка“ на жирито, како и наградата за најдобра споредна улога за Ана Калдер-Маршал и Том Кортни.


Петтиот филмски проект на Чатак, „Жолти писма“, по филмот номиниран за Оскар „The Teachers‘ Lounge“, е драма сместена во Турција и ја следи актерката и нејзиниот сопруг, професор по драмски уметности, чии животи се уништуваат кога ќе влезат во судир со авторитарната власт во својата земја.

Претседателот на жирито, Вим Вендерс, го пофалил филмот поради портретот на животот под тоталитаризам, истакнувајќи дека приказната ќе одекне кај луѓето ширум светот и ќе послужи како повик за будење.


Критичарот на „Deadline“, Дејмон Вајс, го опишал „Жолти писма“ како „најважниот филм досега снимен за Америка на Доналд Трамп“, иако дејството се одвива во Турција.

Саботната вечерна церемонија на доделување награди затвори уште едно политички наелектризирано издание на Берлинале, по релативниот мир во 2025 година, предизвикан од предлогот на Вим Вендерс на воведната прес-конференција филмските автори да не се мешаат во политиката, како одговор на прашањето за Газа и неуспехот на фестивалот јавно да изрази поддршка за Палестинците.

Директорката на фестивалот, Триша Татл, која е во втората година од својот петгодишен мандат, ја отворила церемонијата со емотивен говор и укажала на атмосферата што владеела на фестивалот.

Таа изјавила дека Берлинале се одржал „во свет кој изгледа суров и фрагментиран“, но дека фестивалот го прифатил отпорот и дебатата.


„Оваа година бевме јавно оспорувани и тоа е добро, не се чувствуваме секогаш пријатно, но тоа е добро затоа што значи дека Берлинале им е важен на луѓето … Ние сме многу видлива културна институција, институција од која луѓето имаат големи очекувања … Мислам дека сите мора да го прифатиме фактот дека живееме во поларизиран момент и да ја прифатиме заедницата што заедно ја градиме, бидејќи критиката и изнесувањето мислења се дел од демократијата“, рекла таа.

Судирот бил повеќе од очигледен на церемонијата на доделување награди, која уште од самиот почеток беше политички наелектризирана, а добитничката на Златната мечка за најдобар краток филм Мари-Роз Оста („Someday a Child“), членот на жирито за кратки филмови Амир Фахер Елдин и палестинскиот режисер Абдалах Ал-Катиб, добитник на филмската награда „Perspectives First“ за филмот „Chronicles From the Siege“, ги искористија своите говори за да ги осудат континуираните израелски воени напади врз Либан и Газа.


Меѓу наградените се:

Награди на меѓународното жири

Златна мечка – Илкер Чатак - „Yellow Letters“.

Сребрена мечка – Голема награда на жирито – „Salvation“ – Емин Алпер.

Сребрена мечка – Награда на жирито – „Queen At Sea“ – Ленс Хамер.

Најдобра режија – Грант Џи за „Everybody Digs Bill Evans“.

Најдобра главна улога – Сандра Хилер за „Rose“.

Најдобра споредна улога – Ана Калдер-Маршал и Том Кортни за „Queen at Sea“.

Сребрена мечка за најдобро сценарио – Женевјев Дулуд-де-Селс за „Nina Roza“.

Сребрена мечка за извонреден уметнички придонес – „Yo (Love is a Rebellious Bird)“ – Ен Фич и Банкер Вајт.

Перспективи

Награда за најдобар дебитантски филм – „Chronicles From the Siege“ – Абдалах Алхатиб.

Специјално признание – „Forest High (Forêt Ivre)“ – Манон Куби.

Награда за најдобар документарен филм на Берлинале

„If Pigeons Turned to Gold“ – Пепа Лубојачки (Чешка).

Кратки филмови

Златна мечка за најдобар краток филм – „Someday a Child“ – Мари-Роз Оста (Либан).

Сребрена мечка – Награда на жирито (краток филм) – „A Woman’s Place Is Everywhere“ – Фани Тексие.