Додека Ерик Дејн се бореше со тешката дијагноза АЛС, еден славен колега тивко му пружил помош. Џони Деп, ѕвезда на бројни холивудски хитови, му отстапил една од своите куќи во Лос Анџелес на својот болен пријател, со договор околу киријата кој најдобро може да се опише со зборовите: „плати колку можеш“.
Извор близок до актерите открил за „Page Six“ дека Џони Деп сакал да го олесни финансискиот товар на ѕвездата од серијата „Grey's Anatomy“, Ерик Дејн, додека се борел со исцрпувачката болест.
„Ерик имаше една грижа помалку“, рекол изворот, додавајќи дека Дејн практично бесплатно живеел во една од куќите на Деп над Сансет Стрип.

„Му рекол да плати колку може, или воопшто да не плати“.
Двaјцата актери се запознале преку заеднички пријатели пред многу години, а гестот на Деп му обезбедил мир на Дејн во последните месеци од животот. Ерик Дејн почина на 53-годишна возраст, десет месеци откако објави дека боледува од амиотрофична латерална склероза.
„Со тешко срце известуваме дека Ерик Дејн почина во четвртокот попладне по храброто соочување со АЛС. Последните денови ги помина опкружен со драги пријатели, сопругата и ќерките Били и Џорџија, кои беа центар на неговиот свет“, стои во соопштението на семејството.
Болеста брзо напредувала
Актерот ја објави дијагнозата во април 2025 година, а болеста брзо напредувала. Веќе во јуни ја изгубил функцијата на десната рака, а во интервју за „Good Morning America“ признал: „Левата страна ми работи, десната целосно застана. Чувствувам дека можеби имам уште неколку месеци пред да ја изгубам и левата рака. Тоа човекот го отрезнува“.

И покрај тешката состојба, Дејн се посветил на подигање на свеста за болеста, приклучувајќи се на управниот одбор на организацијата „Target ALS“. Во ноември дури глумел пожарникар со АЛС во серијата „Brilliant Minds“.
Интересно е дека Дејн не бил единствениот кому Деп му понудил рака на спас. Изворот тврди дека слична понуда за флексибилно домување добил и Мики Рурк, кој во јануари бил исфрлен од својот дом поради долг за кирија од речиси 60.000 долари. Рурк, кој глумеше со Деп во филмот „Once Upon a Time in Mexico“, наводно уште не ја прифатил понудата, а одбил и донации собрани преку платформата „GoFundMe“.









