Принцот Вилијам во искрен разговор за менталното здравје откри дека свесно одвојува време за да ги разбере сопствените чувства.
Во посебна епизода на емисијата „Животни совети“ на британското радио нагласи дека се потребни повеќе машки примери кои јавно ќе зборуваат за својата психичка состојба, со цел да им помогнат на другите мажи полесно да се отворат, пишува Би-би-си.

Тој посочи и дека неговата добротворна организација вложила еден милион долари за развој на национална мрежа за спречување самоубиства.
„Долго време се обидувам да ги разберам своите чувства и причините поради кои се чувствувам на одреден начин. Мислам дека е многу важно одвреме-навреме човек да застане, да се преиспита и да сфати зошто се чувствува така. Понекогаш постои јасно објаснување, понекогаш не. Тешките психички состојби се привремени и минуваат“, изјави тој.
Принцот Вилијам ги охрабри луѓето да научат да се сакаат и почитуваат себеси, како и да ги споделуваат своите чувства со другите.
„Потребни ни се повеќе машки примери кои ќе зборуваат отворено за ова и ќе придонесат тоа да стане прифатено како нешто вообичаено. Поддршката на организации што работат во оваа област може да биде мала, но значајна помош што ќе ве води низ тежок период. Утре може да се разбудите и да се чувствувате многу поинаку“, порача тој.








