Американскио претприемач Џејсон Ли Беквит купил цело напуштено село Салто де Кастро во Шпанија за 310.000 евра – износ кој, реално, е споредлив со цената на поголем стан во многу европски градови. Селото, кое од 1989 година зјае празно и постепено пропаѓа, планира да го претвори во туристичка дестинација.
Село без жители повеќе од 30 години
Салто де Кастро, познато и како Побладо де Кастро, се наоѓа во покраината Замора, веднаш до границата со Португалија и реката Дуеро. Населбата во 40-тите и 50-тите години од минатиот век ја изградила електроенергетската компанија „Iberdrola“ за да ги смести работниците кои ја граделе блиската брана и хидроелектрана.
Во своето време селото било целосно функционална заедница. Имало 44 куќи, црква, училиште, бар, пансион, па дури и станица на цивилната гарда. Но, по завршувањето на работите на браната, интересот и потребата за живот на таа локација постепено исчезнале. Во 1989 година селото било целосно напуштено, а со текот на годините сè повеќе пропаѓало и завршило на списокот на загрозено културно наследство.
Американецот сака да се пресели таму
Беквит, директор на калифорниската компанија „Rocking Hospitality“, за Салто де Кастро дознал преку интернет. Кога го посетил, вели дека му се случил своевиден „клик“ и одлуката паднала речиси веднаш. За да ја финансира купопродажбата, го продал својот пансион во Калифорнија, а планира со сопругата да се пресели во Шпанија за лично да ја води обновата на селото.

Неговата визија е да го претвори селото во туристичко одморалиште кое би нудело концепт „од поле до трпеза“, со акцент на локалното производство и одржливоста. Планот вклучува преуредување на постојните куќи во луксузни вили и апартмани, како и отворање хостел за планинари. Вкупно, комплексот треба да има 184 лежаи.
Предвидена е и обнова на дополнителни содржини: ресторан, бар, надворешни базени, спортски терени, фитнес-сала и спа-центар. Црквата треба да добие нова намена како мултикултурен простор за разни настани.
Акцент на локалните производи и нови работни места
Во долгорочните планови е и развој на лозја и сопствена винарија, со што дополнително би се поттикнал винскиот туризам во регионот. Посебно внимание ќе им се посвети на локалните производи – говедско месо од Алисте, диви печурки, мед и костени. Во план се и тематски манифестации, како фестивал на вино и филм.
Се проценува дека проектот би можел да отвори околу 35 работни места за локалното население. Беквит тврди дека добивката не планира да ја изнесува во САД, туку да ја реинвестира во развојот на заедницата.

Отворањето на првите вили, хотел, хостел, базени и угостителски содржини е планирано до крајот на годината.
Поддршка и загриженост
Проектот е инспириран од слични примери на обнова на напуштени населби во Шпанија, како Алдеадуеро. Локалните власти во оваа иницијатива гледаат можност за економско закрепнување и борба против депопулацијата, која со години ги погодува руралните делови на земјата.
Од друга страна, дел од еколошките здруженија изразуваат загриженост поради можното влијание на зафатите врз заштитениот природен парк Арибес дел Дуеро, во кој се наоѓа селото. Клучното прашање ќе биде дали развојот на туризмот може да се усогласи со зачувувањето на чувствителната природна средина.

















