Кое е магичното момче што ги сруши законите на физиката, ги промени правилата на спортот и стана симбол на Игрите

Точка

10/02/2026

16:38

1.293

Големина на фонт

а а а

Една од ѕвездите на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо е Американецот со руско потекло Илија Малинин.

Илија Малинин со тимот на САД веќе освои екипно олимписко злато, а може да се каже дека веќе блесна во уметничкото лизгање на ова планетарно натпреварување.

Неговиот феноменален настап го следеше и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со сопругата Јелена, кој долго се држеше за глава кога виде дека Американецот изведе салто наназад, а снимката набрзо стана вирална.

„Го видов Ѓоковиќ. Тоа е толку нереално. Слушнав дека откако го изведов салтото наназад, ги ставил рацете над главата. Тоа е неверојатно“, изјави Малинин, па продолжи.

„Тоа е момент што се случува еднаш во животот: Да видите познат тенисер како го следи мојот настап. Апсолутно сум воодушевен“, рече тој.

Илија Малинин е роден на 2 декември 2004 година во Ферфакс, сојузната држава Вирџинија, и настапува за Америка, иако неговите родители, родени во Русија, лизгале под знамето на Узбекистан.

Интересно е што го носи презимето на мајката, бидејќи сметале дека презимето на таткото, Скорњаков, е тешко за изговор во Америка.

Со лизгање започнал во 2011 година, што било и очекувано бидејќи потекнува од семејство на лизгачи.

Малинин е двократен светски шампион (2024, 2025), трикратен шампион на финалето на Гран при (2023, 2024, 2025), седумкратен освојувач на златен медал на Гран при, четирикратен освојувач на злато во Челенџер серијата и четирикратен национален шампион на САД (2023 – 26).

На јуниорско ниво, Малинин е светски јуниорски шампион во 2022 година и двократен освојувач на злато на Јуниорското Гран при. Тој го држи актуелниот светски јуниорски рекорд кај мажите во кратка програма, слободна програма и вкупен резултат, како и сениорски рекорд кај мажите во слободна програма.

Малинин е првиот и единствен лизгач што успешно извел целосно ротиран четворен аксел на меѓународно натпреварување, изведувајќи го повеќепати досега, а неговиот прекар е „Quad God“.

Во септември 2022 година, списанието „Time“ го вброи меѓу 100 највлијателни млади лидери во светот кои ја обликуваат иднината и ја дефинираат следната генерација лидерство.

Неговата помлада сестра Лиза исто така се натпреварува во уметничко лизгање.

Течно зборува англиски и руски јазик.