Легендарниот Словенец за условите на ЗОИ: „Јадам леб и салама, спијам како во штала“

Точка

09/02/2026

19:48

1.453

Големина на фонт

а а а

Жан Кошир (41), најискусниот член на словенечката сноуборд репрезентација на Зимските олимписки игри, го заврши своето учество во осминафиналето на паралелниот велеслалом. Подобар од него беше Кореецот Ким Сангкјум, кој на крајот освои сребрен медал.

Иако Кошир беше задоволен од својата брзина на патеката, тој по трката не ја криеше огорченоста од состојбата на словенечкиот сноубординг и односот на Скијачкиот сојуз кон него, тројниот освојувач на олимписки медали. Тој отворено зборуваше за сите проблеми што го мачат.

Тешки критики на сметка на Сојузот

„Имаше причини зошто не можев да се натпреварувам насекаде. На пример, за Кина не ми обезбедија средства, но тоа повеќе не е моја грижа. Се надевам дека останаа доволно средства за остатокот од сезоната, бидејќи сите натпревари од Светскиот куп ми беа планирани од самиот почеток. Не знам колку сме потрошиле досега. Во Сојузот парите се делат според лични интереси, а не како во други репрезентации, на пример во Италија, каде сите тренираат заедно“, рече Кошир.


Тој продолжи: „Имаме луѓе овде… Кога патувавме за Бормио на конференција за медиуми, некој од штабот во комби започна да набројува кој тој мисли дека ќе победи во машка конкуренција, а нас Словенците дури не нè ни спомна. Срамота е такви луѓе да бидат тука. Отсуството на луѓе кои се на наша страна е… не знам.

Не знам каде уште тоа може да се случи освен во Словенија, каде личните интереси преовладуваат над интересите на државата која ја претставуваме и која нè плаќа. Како да сакаат ментално да нè уништат. Денес сите треба да бидеме со Тими Мастнак и да му помогнеме максимално. Целата наша „армија“, ако му треба нешто, бидејќи тој може да нè спаси и да нѝ донесе медал. Без него сме завршени“.

Кошир потенцираше дека нема повеќе единство меѓу членовите на репрезентацијата. „Тоа единство кое некогаш постоеше, сега го нема. Кога почнав во Ванкувер, беа тука Рок Фландер, Изидор Шустершиќ, јас, тренери, сервисери… Сите бевме заедно на отворањето, се држевме еден со друг. Потоа сето тоа почна да се распаѓа кога сфатија дека сè се финансира преку категоризации. Оној кој има, ги сака сите пари за себе“.


Жестоко ги критикуваше условите во олимпиското село

Кошир уште не размислува за прекин на кариерата. „Можам да престанам, но сè уште сум добар. Затоа не размислувам за тоа. Имам шест настапи на Олимписките игри и никогаш не сум бил под 11-то место. Не знам кој спортист во Словенија има таква статистика. Факт е дека не дојдов за 11-то место, туку за медал, но не се оптоварував со тоа бидејќи мојата желба не беше поддржана со резултати. Зошто тогаш да спијам лошо и да си создавам притисок“.

„Ќе продолжам на следната трка од Светскиот куп, освен ако не кажат дека потрошивме сè. Отворен сум и за следните Олимписки игри, но сакам да бидам почитуван. Подобро да не зборувам во каква соба спијам овде, но за троен освојувач на олимписки медали е како да те ставиле во штала. Но, така е. Нема да го правам тоа повеќе ако морам да јадам леб и салама и да спијам во услови недостојни за човек“, заклучи Кошир.