На натпреварувањето во скијачки скокови на овогодишните Зимски олимписки игри словенечкиот велосипедист Примож Роглич се фотографирал со навивач кој го носел знамето на поранешна Југославија.
Како што истакнува словенечкиот портал „Екипа24“ кој ги објави фотографиите, важно е да се објасни како настанале истите. Се тврди дека „словенечкиот велосипедист се фотографирал со посетителите, а притоа не би свесен за сè што всушност се случувало во тој момент“.
„Тоа треба да се објасни пред фотографиите да се појават некаде друго и пред некој погрешно да ги протолкува или на погрешен начин да го претстави она што навистина се случило на крајот од пробната серија“, пишува порталот и додава: „Не можеме да знаеме што би одлучил Роглич доколку знаел дека двајцата на грбот немале словенечко или можеби српско знаме, односно што точно имал едниот од нив“.
Словенци: Не можел да знае
„Она што со сигурност можеме да го кажеме е дека не знаел што точно носат. Не можел да знае. Луѓето од фотографијата не ги видел одзади пред да се фотографира со нив, ниту во моментот кога го сторил тоа. Не велиме дека би било погрешно и да знаел и сепак да се фотографирал со нив. Но важно е да се нагласи дека во тој луд сплет на околности не знаел, и дека без каков било сомнеж, им го посакувал најдоброто на своите обожаватели“, заклучи словенечкиот портал.

Роглич, кој во минатото и самиот бил скијачки скокач, во понеделник пристигнал во Предацо за да ги поддржи словенечките репрезентативци. Ден претходно, во недела, во Кортина го следел женскиот спуст, а вечерта присуствувал на отворањето на словенечката куќа. Облечен во словенечки обележја и со капа на „Red Bull Bora“ се сместил под скокалницата каде веднаш го привлекол вниманието на бројни навивачи.

Кој е Примож Роглич?
Примож Роглич (36) е словенечки професионален друмски велосипедист кој моментално настапува за „UCI WorldTeam Red Bull – Bora – Hansgrohe“. Меѓутоа тој е поранешен скијачки скокач, кој се префрлил на велосипедизам по несреќата што ја доживеал во Планика.
Роглич има освоено пет „Гранд тури“, вклучувајќи ги „Вуелта а Еспања“ (рекордни четири пати – 2019, 2020, 2021 и 2024) и „Џиро д‘ Италија“ во 2023 година. Тој е првиот Словенец кој победил на некоја од овие трки. Исто така во 2020 година, завршил на второто место на генералниот пласман на „Тур де Франс“, станувајќи првиот Словенец кој ја носел жолтата маичка.

Пред пет години го освоил златниот олимписки медал во машката индивидуална хронометар трка, прв олимписки медал за Словенија во велосипедизам. Помеѓу 2019 и 2021 година, Роглич поминал вкупно 75 недели на првото место на светската ранг-листа на Меѓународниот велосипедски сојуз (UCI) во друмска машка конкуренција, што тогаш беше рекорд, а два пати сезоната ја завршил на првото место.














