Соиграч од Милан му се восхитува на Модриќ: Ако се обидам да го направам тоа, ќе си го изместам колкот

Дерби

10/02/2026

13:25

302

Големина на фонт

а а а

Кристофер Нкунку долго чекаше за да „запали“ во Милан, но од крајот на месец декември наваму постигна пет голови за италијанскиот великан и се претвори во стартер за Макс Алегри.

Еден од играчите кои најмногу му даваа подршка во тешкиот период беше Лука Модриќ, а сега во време кога работите изгледаат далеку подобри за Французинот, Нкунку не пропушти шанса да го испофали својот 12 години повозрасен соиграч.

Модриќ игра импресивен фудбал и ја воодушевува цела Италија на 40-годишна возраст, но Нкунку е посебно импресиониран од неговата техника, но и од тривела додавањата кои ги повторува од меч во меч.

– Лука е неверојатен. Има единствен квалитет и дели луди топки со надворешниот дел од стапалото. Ако се обидам да го направам тоа, ќе си го изместам колкот. Чудесно е што станува збор за играч кој има 40 години. Ако продолжи вака, може да игра до 45 или 46 години, – вели Нкунку, кој не штеди пофалби и за уште еден искусен играч за врска, Адриен Рабио.

– Го познавам Рабио од Франција и отсекогаш знаев дека е извонреден. Сега е дури и поодлучен од порано, тренерот бара од него да биде поофанзивен. Тој е вистински ѕвер и може да игра 90 минути на сите натпревари. Мислам дека го има достигнато врвот во својта играчка кариера, – потенцира Нкунку.