Актерката Кејли Квоко открила зошто таа и нејзиниот свршеник Том Пелфри повеќе не спијат во ист кревет.
Ѕвездата од серијата „The Big Bang Theory“ изјавила дека поради целосно различниот распоред на спиење, како и поради нивните бројни кучиња и двегодишната ќерка Матилда, се договориле Пелфри да спие во гостинската соба – и дека тоа се покажало како „најдобра одлука“ за нивната врска.
Целосно различни ритмови
Во подкастот „Armchair Expert“, 40-годишната актерка објаснила дека заедничкото спиење со текот на времето станало неодржливо. Кучињата кои ги згрижиле, како и нивната ќерка, постојано му го прекинувале сонот на Пелфри, па тој не можел да се одмори како што треба. „Ми рече: ‚Не можам повеќе вака.‘ А јас одговорив: ‚Разбирам.‘ Така тој почна да спие во гостинската соба“, раскажала Квоко и додала дека тоа било пресвртница.
Oбјаснила и дека актерот од серијата „Ozark“ е ноќна птица – обично оди да спие многу доцна – додека кај неа е сосема спротивно. „Тој пишува навечер. Чита, тоа му е време кога е мирен“, рекла Квоко. „Останува буден до доцна и, кога не работи, сака долго да спие. Тоа ни беше јасно од првиот ден. Јас одам рано на спиење и рано се будам. Имаме целосно различен ритам на спиење.“
„Што ќе мислат луѓето?“
Квоко признала дека пред оваа одлука навистина се движела на прсти по куќата наутро за да не го разбуди. Идејата за одделно спиење прво ја предложил токму тој, а нејзе на почетокот не ѝ се допаднала.
„Одиме на терапија за парови и тоа ни се допаѓа“, признала актерката. „Таму тој го спомна тоа. На почетокот помислив: ‚Што ќе мислат луѓето?‘ А тој одговори: ‚Ионака никогаш не те гледам навечер. Тоа не ни е време за блискост. Не се гушкаме. Не се гледаме навечер.‘ Ме праша: ‚Зошто ти е гајле?‘ Размислив и сфатив: ‚Па, всушност, не ми е гајле.‘ А тој рече: ‚Ајде да пробаме.‘“
Актерката нагласила дека Пелфри не се „иселил“ од нивната спална соба, туку едноставно спие во гостинската соба, каде, како што вели, „одлично се наспива“ без никакви пречки. Тој договор го нарекла „најдобрата одлука што некогаш ја донеле“. „Одлично ни функционира. Многу сме посреќни“, додала.
Заедно се од 2022 година
Парот е во врска од 2022 година, а ги запознала нивната заедничка менаџерка Андреа Пет-Џозеф.
Во март 2023 година добиле ќерка, а во 2024 година се свршиле. Актерката зад себе има два пропаднати брака. Со тенисерот Рајан Свитинг била во брак од 2013 до 2015 година. Две години подоцна се свршила со Карл Кук и се венчале во јуни 2018 година, но бракот траел само три години.












