Иако има само неколку потврдени случаи, веста за повторното појавување на вирусот нипа во Индија предизвика загриженост кај здравствените експерти.
Индија во јануари 2026 година, пријави два нови случаи на инфекција со вирусот нипа во државата Западен Бенгал. Според достапните информации, состојбата на едниот пациент се подобрува, додека другиот е во критична состојба и прима интензивна медицинска нега.
Новиот случај е потврден во Бангладеш, каде што овој вирус, кој има стапка на смртност до 75 отсто, се појавува речиси секоја година. Веста доаѓа кратко време по појавата на болеста во Индија, што доведе до воведување здравствени контроли на аеродромите низ Азија, но и до зголемување на готовноста на здравствените власти во Велика Британија поради страв од понатамошно ширење, пишува британски „Сан“.

Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), последната жртва, жена на возраст меѓу 40 и 50 години, се разболела на 21 јануари во северен Бангладеш.
Први симптоми
Првичните симптоми вклучувале треска, главоболка, грчеви во мускулите и губење на апетитот. Како што напредувала болеста, таа развила интензивно лачање на плунка, дезориентација и конвулзии.
Шест дена подоцна, на 27 јануари, таа ја изгубила свеста и била итно префрлена во локалната болница, каде што била тестирана позитивно на вирусот нипа. Пациентката починала следниот ден.
СЗО соопшти дека жената немала неодамнешна историја на патувања, но консумирала сиров сок од урмина палма, познат извор на зараза, кој може да биде контаминиран со измет од лилјаци.

Здравствените власти следат 35 лица кои биле во контакт со починатата жена. Сите се негативни на тестот, а засега не се регистрирани нови случаи.
Зголемена подготвеност во регионот и во светот
Федералното министерство за здравство на Индија минатиот месец соопшти дека околу 200 лица биле ставени во карантин откако биле потврдени најмалку два случаи на вирусот нипа во државата Западен Бенгал, која се граничи со Бангладеш.
СЗО во петокот повтори дека ризикот од меѓународно ширење на вирусот е низок. Сепак, некои азиски земји, вклучувајќи ги Тајланд и Малезија, воведоа превентивни контроли на аеродромите според примерот на мерките преземени од времето на пандемијата на ковид-19.
Велика Британија соопшти дека „внимателно ја следи ситуацијата“. Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија (UKHSA) ги предупреди граѓаните кои планираат да патуваат во погодените области да се информираат за симптомите и начинот на ширење на вирусот.
„Ризикот за туристите што ги посетуваат ендемските земји е многу низок ако се почитуваат стандардните мерки на претпазливост. Ризикот е поголем за луѓето кои учествуваат во локални практики како што се собирање и консумирање сок од урмина палма“, наведува UKHSA.
Што е вирусот нипа?

Вирусот нипа е зооноза – болест што се пренесува од животни на луѓе, најчесто од овошни лилјаци и свињи. Преносот од човек на човек е исто така можен, главно преку близок контакт, а потенцијално и преку капки од кашлање и кивање.
Вирусот може да предизвика сериозни респираторни проблеми, но и смртоносно отекување на мозокот (енцефалитис). Стапката на смртност се движи помеѓу 40 и 75 отсто, значително повисока отколку кај ковид-19.
Лекувањето се сведува на ублажување на симптомите и одржување на виталните функции додека телото се обидува да се бори против инфекцијата.
Дали нипа може да предизвика нова пандемија?
Иако некои експерти предупредија дека вирусот нипа „апсолутно би можел да биде причина за нова пандемија“, експертите истакнуваат дека глобалниот ризик во моментов е низок.
Професорот Пол Хантер, експерт за заразни болести на Универзитетот во Источна Англија, изјави дека случаите на нипа „малку е веројатно дека ќе доведат до значително глобално ширење“, бидејќи преносот од човек на човек е ограничен.
„Факторот R0 е помал од 1, што значи дека едно заразено лице, во просек, не го пренесува вирусот на повеќе од едно друго лице“, објасни Хантер.
Зошто експертите стравуваат?
Сепак, тој предупреди дека не треба да се биде опуштен, бидејќи вирусите можат да мутираат, а долгиот период на инкубација – од четири до 14 дена – го отежнува откривањето.
Вирусот нипа првпат е откриен во 1999 година во Малезија, по избивањето на зараза кај одгледувачите на свињи. Оттогаш, редовно се појавува во Бангладеш, додека Индија регистрираше неколку епидемии, особено во државата Керала.
Експертите веруваат дека зголемувањето на случаите е поврзано со губењето на природните живеалишта, поради што дивите животни сè повеќе доаѓаат во близок контакт со луѓето.

Кои се симптомите?
Според СЗО, почетните знаци на инфекција се суптилни, што го прави вирусот тежок за сузбивање. Првите симптоми на инфекција со вирусот нипа вклучуваат зголемена температура, главоболка, болки, повраќање и болки во грлото.
Потоа следува вртоглавица, сонливост, промени во состојбата на свеста, како и опасно отекување на мозокот, а понекогаш и тешки респираторни проблеми.
Најсериозната компликација е енцефалитис (воспаление на мозокот) или менингитис, кои обично се развиваат од три до 21 ден по инфекцијата, наведува UKHSA.

„Ова е знак на инфекцијата со вирусот нипа и е поврзано со многу висока стапка на смртност“, додаде здравствената агенција.
Вирусот нипа припаѓа на семејство на вируси наречени парамиксовируси, група која ги вклучува и предизвикувачите на болести како што се сипаници.













