Секојдневното консумирање неколку шолји кофеинско кафе или чај може благо да помогне во зачувувањето на мозочната функција и намалувањето на ризикот од деменција, соопштија истражувачите.
Студијата базирана на одговорите на 132.000 возрасни лица од САД во текот на четири децении, покажала дека лицата со најголем дневен внес на кофеинско кафе имале 18 отсто помал ризик од развој на деменција во споредба со оние со најмал внес, пренесе Ројтерс.
Исто така, овие лица имале пониска стапка на само-перципирани проблеми со меморијата или размислувањето, за речиси два процентни поени.

Слични резултати биле забележани кај испитаници кои консумирале чај со кофеин, додека пијалаците без кофеин не го покажале истиот ефект.
Авторите на студијата објавена во списанието „ЈАМА“, предупредуваат дека резултатите не докажуваат дека кофеинот директно го штити мозокот.
„Ефектот на кофеинот, ако постои, е мал, а постојат и други добро документирани начини за заштита на когнитивните функции во текот на стареењето, вклучувајќи ги физичката активност, здравата исхрана и доволно сон“, истакнал докторот Даниел Ванг од Медицинската школа на Харвард.
Најизразените ефекти се забележани кај учесници кои дневно консумирале две до три шолји кофеинско кафе или една до две шолји кофеински чај.

Исто така, тие постигнале подобри резултати на објективните тестови на когнитивните функции. Истражувањето го финансирал Националниот институт за здравје на САД.
Докторот Ју Џанг од Школата за јавно здравје на Харвард додал дека слични резултати биле забележани и кај лица со различни генетски предиспозиции за деменција, што сугерира дека кафето или кофеинот можат да бидат подеднакво корисни за сите.












