Американското министерство за правда објави милиони документи поврзани со случајот Џефри Епстин, а меѓу бројните познати личности, моќници и високи функционери се најде и името на фудбалската легенда, Франк Рибери.
Меѓутоа, важно е да се истакне дека спомнувањето на имињата во овие документи не значи и подигнување обвинение ниту е доказ за какво било кривично дело поврзано со Епстин, финансиерот и осудениот сексуален престапник. Објавени се повеќе од 2.000 видеоснимки и 180.000 фотографии, а името на Рибери за прв пат се појавува на 26-та страница од еден од документите.
Обвиненија изнесени во документите
Во документот се наведува изјавата на една неименувана личност која го обвинува поранешниот фудбалер: „Френк Рибери се обиде да ме претепа додека бев во мојата градина. Ги пронајде мојот број и адреса, но полицајците го опколија и го вратија во автомобилот“.
Истата личност додала: „Изненадена сум што кругот на проституција се појави во мојот живот токму кога конечно се ослободив од мојот татко предатор и откако по неколку години разделеност ја пронајдов мајка ми. Имав впечаток дека светот на проституција се врати по мене, како да морам да им припаѓам“.

Во документите се споменува и Силвен Кормиер, адвокатот на поранешниот француски репрезентативец Карим Бензема. За него на 28-та страница се вели следново: „Некаде во јануари или февруари 2002 година, Силвен Кормиер беше ангажиран како адвокатски приправник. Неговото лице ми беше познато но не можев да се сетам од каде. Неколку години претходно, на една забава во мое присуство ја претепа поранешната партнерка, на која ѝ советував да го пријави. Подоцна се појави со Френк Рибери, а дојде и судската полиција од Версај бидејќи бараше да му донесат 14 годишни девојчиња“.
На 30-та страница се додава: „Видов дека ми се приближуваат откако станав полнолетна, меѓу нив и Френк Рибери. Неговата припадност на светот на проституцијата веќе не мора да се докажува, преку неговиот соработник Силвен Крмиер, адвокатот за казнено право. Тој ме претепа и рече: „Френк бара да го направам тоа“.
Правен статус на обвиненијата
Во оваа фаза, објавувањето на документите не се смета за обвинение ниту признавање на како било злосторство од страна на лицата кои се споменуваат. Какви ќе бидат понатамошните последици од овие објави и дали ќе дојде до нови правни постапки останува да видиме.
Инаку ова не е прв пат Рибери да се соочува со тешки обвиненија. Во одделен случај од 2010 година, тој беше еден од четворицата француски репрезентативци, вклучувајќи го и Карим Бензема, обвинети за користење услуги на малолетна проститутка. Во 2014 година, француските судови ги отфрлиле обвиненијата против двајцата фудбалери.













