Златните цветови на палмите Талипот го маѓепсаа Рио де Жанеиро, означувајќи го првото и последното цутење на овие палми децении откако од Јужна Азија ги донел пејзажниот архитект Роберто Бурле Маркс.
По потекло од Индија и Шри Ланка, палмите пристигнале во Бразил во 1960-тите кога Бурле Маркс го градел паркот Атеро до Фламенго, каде што биле засадени неколку стебла. Некои од стеблата завршиле во Ботаничката градина во Рио.

Талипот може да порасне повеќе од 20 метри во висина, а потребни му се помеѓу 30 и 80 години за да процути. Околу една година по цутењето, растението умира природно, рече Таис Идалго, главен кустос на живата колекција во Ботаничката градина.

„Оваа палма ја вложува целата своја енергија во овој еден репродуктивен циклус за да произведе илјадници плодови. После тоа, нејзините лисја се сушат“, објасни таа.

Во Ботаничката градина има три палми Талипот, но само две цутат. Втората била засадена пред само една година, така што ќе помине некое време пред овој феномен повторно да се случи. Последното цутење на палмата Талипот таму се случило во 2010 година.

Според Идалго, групата палми во паркот Фламенго е поголема, но не цутат сите. Условите во животната средина можат да влијаат на созревањето на растенијата, додала таа.

Сепак, смртта на палмата не е вистински крај. Во Ботаничката градина, стеблата на Талипот се сечат во основата и произведуваат нови садници.










