Њујорк, градот којшто неодамна ја добил ласкавата титула втор најдобар град на светот, сега носи и една помалку посакувана етикета – прогласен е за најстресно место за живеење на планетата.
Ова признание доаѓа од анализите на финансиската компанија „Remilty“ која ги проценува трошоците за живот, количината криминал, метеж, достапност на здравствената заштита во најголемите светски метрополи.
Врз основа на овие параметри пресметан бил „вкупниот индекс на стрес“, вреднуван со максимални 10 поени.

Дека Њујорк го зазел првото место на оваа неславна листа не е изненадување. Според „Remitly“, градот забележал индекс на стрес од 7,59, највисок меѓу анализираните метрополи.
Главната причина се вртоглавите цени за живот кои со години претставуваат огромен притисок за просечните жители.
Студија од Универзитетот Корнел од 2025 година покажала дека токму растечките трошоци за живот се најголемата грижа за жителите на Њујорк.
„Само изнајмувањата во Менхетен ги рушат рекордите – просечниот наем во декември се зголемил за 7,6 отсто во однос на претходната година и достигнал дури 4.625 долари, односно околу 4.000 евра месечно“, пишува „NYP“.

Даблин – од рај до задушлив колапс
Инфлацијата дополнително го отежнува секојдневието: повисоки цени на намирниците, режиските трошоци и полисите за осигурување, го притискаат домашниот буџет на жителите повеќе од кога и да е.
Затоа, „Remitly“ во категоријата „трошоци за живот“ на Њујорк му доделил максимална оцена 100. За споредба, Атина има индекс 56,6, а Мексико Сити 44,4.
Доколку првото место на Њујорк е очекувано, второто место изненадило многумина. Даблин е градот којшто често се доживува како опуштена европска престолнина преполна со пабови, музика и книжевност, а се покажало дека сега е едно од најстресните урбани опкружувања.

Вкупниот индекс на стрес на жителите на Даблин изнесува 7,55, дури нијанса помал од Њујорк.
Главниот проблем се неповолните финансиски ситуации – растот на цените за живеење и трошоците за живот создаваат моќен притисок врз локалните жители. Освен тоа, Даблин е и еден од најзадушените градови во Европа. Според анализата, просечното време за патување изнесува околу 33 минути за само 10 километри, што секојдневниот живот го прави дополнително напорен.

Пет најстресни градови на светот
1. Њујорк
2. Даблин
3. Мексико Сити
4. Манила
5. Лондон










