Со премиерата на првата епизода од втората сезона, „Reality Check“ со Ели Пешева повторно ја долови суштината на истражувачкото новинарство: директно, без компромис и со доза хумор таму каде што најмалку го очекуваме.
Овојпат, екипата тргнува во потрага по одговор на прашањето кое одамна ја мачи јавноста: како е можно Јапонците да живеат десетина години подолго од Македонците – и што правиме ние погрешно?
Првиот чекор ги води токму во јапонската амбасада во Скопје, симболичен и реален центар на култура која важи за светски шампион во долговечноста. Од амбасадорските податоци, статистики и општествени навики, екипата извлекува заклучок кој звучи едноставно, но е комплексен во практика: долгиот живот се гради секој ден - од начинот на исхрана, односот кон телото, па сè до односот кон заедницата.
Јапонија денес брои речиси сто илјади столетници, а прогнозите велат дека половина од денешните Јапонки имаат реални шанси да ја доживеат својата стота година. Македонската реалност, од друга страна, е поостра: загаден воздух, нездрави навики во исхраната и хроничното пушење се дел од трите најголеми причини што ја кратат нашата животна линија.
Бидејќи храната е темелот на здравиот живот, истражувањето продолжува таму каде што науката ги обликува навиките на иднината - во лабораторијата на професорката Јана Клопчевска. Таму, „Reality Check“ се соочува со неочекувани експерименти: храна во прав, алтернативи на класичните намирници и иновативни рецептури кои можеби ќе станат дел од нашата секојдневна трпеза.
Екипата ги тестира вкусот, составот и потенцијалното влијание на овие „намирници на иднината“, а меѓу најкуриозните моменти секако се дегустациите на нутела во прав и ајвар во прав - комбинација на традиција и технологија која ја отвора дилемата: дали иднината на исхраната ќе биде поедноставена или само поинаква?
„Многу уживам додека ги работам темите за ‘Reality Check’. Ова би го правела до 101. После – ќе пеам караоке“, вели Пешева, задржувајќи ја препознатливата духовитост дури и при сериозни теми.
Со овој ударен старт, „Reality Check“ уште еднаш покажува дека истражувачкото новинарство може да биде динамично, едукативно и забавно, а истовремено да отвори важни општествени прашања. Македонските навики, јапонскиот рецепт за долговечност и научните чекори кои нè водат кон поздрав живот се испреплетуваат во епизода што поставува „висока летва“ за остатокот од сезоната.
Автор: Ц.Н.












