Слободан Митриќ, познат како Карате Боб, беше еден од најконтроверзните луѓе од сенка на поранешна Југославија – таен агент, мајстор за боречки вештини, писател и човек со трагична судбина.
Роден во поранешна Југославија, Митриќ ја започнал својата кариера како припадник на државната безбедност, каде што, според сопствените зборови, извршувал доверливи задачи низ цела Европа.
Меѓутоа, неговиот живот засекогаш се менува во моментот кога одбива да изврши наредба за ликвидација на една мета во Југославија – поради што бил принуден да побегне од земјата.
Бегајќи од прогон, во 1973 година пристигнал во Холандија, каде што неговиот животен пат добил драматичен пресврт. Истата година, на Божиќ, во Амстердам убил тројца југословенски државјани, тврдејќи дека биле агенти испратени да го ликвидираат. Додека полицијата случајот го третирала како мафијашка пресметка, Митриќ упорно тврдел дека станува збор за самоодбрана и професионална задача на таен агент кој делувал под прикритие. Поради овој настан, бил осуден на 13 години затвор.

Тајниот агент на Тито
Во затвор, освен што го научил холандскиот јазик, почнал и да пишува. За време на робијата настанале неговите сеќавања на тајниот свет на југословенската разузнавачка служба, подоцна објавени под наслов „Titov tajni agent“ („Geheim agent van Tito“). Во книгата се опишувал како своевиден „југословенски Џејмс Бонд“, човек кој по наредба на државата извршувал задачи низ Европа – во Франција, Шведска, Белгија и земјите од Источниот блок. Неговите мисии, како што тврдеше, биле насочени против непријателите на државата и криминалните структури.
По издржувањето на казната, Митриќ не се вратил во Југославија, свесен дека таму го чека смрт. Холандските власти, пак, го прогласиле за „непосакуван странец“, што значело дека нема право на работа, социјална помош, здравствена заштита ниту постојан престој. И покрај тоа, 43 години живеел во Амстердам – често на работ на егзистенцијата, но упорно и достоинствено.
Љубовниот живот
Неговиот приватен живот бил одбележан со голема љубов кон партнерката, која му била најголема поддршка. Се венчале во општината во понеделник – ден кога венчавките се бесплатни, бидејќи немале пари. По нејзината смрт во 2006 година, животот му се распаднал целосно. Холандските власти му ја укинале секоја помош, па преживувал од пишување книги, драми и есеи. Меѓу делата што ги објавил се и „Boj na Kosovu“ и „Srpski ratnik“, преку кои ја изразувал својата љубов кон татковината и болката за распадот на Југославија.

Во 1992 година, во екот на балканските војни, сериозно размислувал да се врати и да им се придружи на српските паравоени единици, но на крајот не се осмелил. Наместо тоа, од Амстердам испраќал памфлети и летоци во кои повикувал на одмазда против непријателите на Србија.
Последните денови
Неговата последна година од животот била трагична. Тешко болен, без дом и без помош, живеел на таван во напуштена училишна зграда во источниот дел на Амстердам. Кога случајно го пронашле, бил во многу лоша состојба. Бил префрлен во болница, каде што починал во ноември 2016 година.
На прашањето за неговиот крвав животен пат, еднаш изјавил: „Не сум убил никого. Само ги ликвидирав непријателите на државата и криминалците“.

Слободан Митриќ – Карате Боб, останал загатлива фигура до смртта: за едни злосторник, за други патриот и херој од сенка. Неговата приказна, полна со контрадикции, лојалност и предавство, и денес предизвикува полемики за границите меѓу служењето на државата и личната совест.











