Ентони Лофредо (37), зависник од телесни модификации, се трансформираше во „црн вонземјанин“, а дури сакал да му биде ампутирана и ногата за да го оствари својот краен изглед.
Некои луѓе избираат да ја изразат својата индивидуалност на необични и екстремни начини, па посегнуваат по разни, понекогаш и крајни телесни модификации. Од тетоважи и пирсинг до интервенции кои целосно го менуваат изгледот — границите на личниот израз за некого се многу подалеку отколку што повеќето би очекувале. Кога станува збор за крајната модификација на телото, Ентони Лофредо веројатно е една од најпознатите личности во светот.
Овој 37-годишен Французин е познат по тоа што извршил драстични промени врз сопственото тело — ги отстранил ушите, носот и горната усна, ампутирал два прста, вградил бројни поткожни импланти на главата и рацете, а речиси целото тело го истетовирал со црна боја. Во неодамнешна објава на „Instagram“ откри дека неговата „еволуција“ во црн вонземјанец стигнала до 71 процент. Во документарец за „Channel 4“ во 2023 година призна дека неговата екстремна трансформација не поминала без осуди, затоа што луѓето често го критикуваат поради изгледот.

Лофредо пред четири години за шпанскиот весник „El Periódico“ изјави дека ги направил промените за да се чувствува подобро во сопственото тело: „Бидејќи тоа е нешто многу лично, нешто што го чувствувам. Моите прашања за животот се: ’Зошто на Земјата постојат само луѓе? Зошто нема нешто повеќе?‘. Вонземниот свет ме фасцинира и тоа е нешто што навистина ме окупира“, објасни тој, пренесува „LADbible“.
На ова се осврна и во снимањето на документарецот „I Transformed Myself Into An Alien“, каде што рече дека луѓето не го интересираат. „Сам сум уште од мал“, изјави искрено.
Французинот пред извесен период привлече уште поголемо внимание тврдејќи дека сака да му биде ампутирана една нога. Во едно интервју рече дека размислува да ја отсече ногата под коленото.

„Тоа е навистина тешко, бидејќи ногата ми е здрава, а ампутацијата е нешто навистина големо“, изјави Лофредо.
Во претходна објава на социјалните мрежи тој даде до знаење дека го поделил својот полов орган на два дела, што наведе еден корисник да коментира: „Знаев дека си глупав… но до толку?“










